Со завршувањето на процесот сврзан со промените на Уставот повеќе од потребно е да се отворат прашањата за реформи на политичкиот и на економско-социјалниот систем кои стануваат сѐ поактуелни. Не смее да се дозволи да продолжи блокадата на социјалдемократскиот проект во политичките процеси во Македонија, чиј најголем носител е, или би требало да биде СДСМ. Таа опасност е денес реална, не заради отсуство на програмски определби на, би рекол, новиот курс на партијата, туку пред сѐ заради лимитираниот простор и тешкото наследство од предходниот автократски систем кои ограничувачки делуваат на динамиката на промените. Другите партии, со предзнакот социјалистички и/или социјалдемократски се маргинални. Вистинскиот програмски профил на НСДП сѐ уште е во процес на додефинирање на сопсвениот идентитет до толку повеќе што во изминатиот период беше дел од владејачката коалиција со десна политичка опција, а практикувањето на власта е најдобриот испит за секој политички субјект и неговата програмска определеност. Истата судбина на исчезнување од политчката сцена на Македонија ја доживува и социјалистичката партија заради „бракот“ со десницата.
Причините за забрзани промени се повеќе. Но, една од основните е потребата од изградување на таков политички субјект чија програмска определба како политички проект ја одразува социјалната и екномската структура на македонското општество. Искуството од изминатиот период покажа дека во никој случај не е добро да се остане само на десно ориентираните политички партии или, пак, на либералните кои, пак, не представуваат посериозни политички структури ниту пак имаат изграден политички програм. Уште полошо би било ако повторно на политичката сцена на Македонија станат доминантни партиите чии политички проекти не се ништо друго освен инструментализација на интересите на националните заедници во Македонија во интерес на политичката политократија.
За разлика од другите партии, за социјалдемократските партии, односно за нивните политички проекти, клучно е прашањето на воспоставеноста на балансот помеѓу цената на капиталот-профитот и цената на трудот како два взаемно поврзани фактори кои се одлучувачки за економско-социјалниот развој на било кое општество и за неговата стабилност. Секогаш кога се нарушувал овој баланс, општествата или ја губеле сопствената моќ за развој или пак се соочувале со социјални револуции.
Второто, исто така, клучно прашање за развојот и стабилноста на една економија е балансот помеѓу производниот и финансискиот капитал, колку цената на финансискиот капитал е потикнувачки односно лимитирачки фактор за развој на производството, за создавање на нови вредности кои пак повратно го стабилизираат финасискиот капитал зајакнувајќи ја потребата за нов обртен капитал.
Прашање е дали СДСМ во изминатиот период на своето постоење и владеење со извршната власт ги имаше овие, основни, програмска определби, односно дали го имаше капацитетот да ги идентификува главните причинители на радиклната социјална диференцијација која настана во македонското општество. И денес се бара одговор на прашањата дали социјалниот колапс беше содржан во сопственичките односи, во дислокацијата на профитот од производната во финанасиската свера преку екстремната, зеленашка камата, или пак во политичкта моќ како основа за стекнување на шпекулативен капитал. Дали СДСМ имаше капацитети и сакаше да ги препознае вистинските појави и процеси или остана заробен во сопсвениот опортунизам под силно влијание на шпекулативната, ново создадена, бизнис структура и финансиската олигархија.
Најголемите профити не беа резултат на квалитативните односи во производството, туку на привилегиите кои беа давани од страна на државата. Шпекулативниот профит стана синоним на успех, а зеленашката камата и затвореноста на финасискиот сектор, показател на успешност на работењето на банкарскиот сектор. Основачите на банките беа избркани од управните одбори со законската клаузула дека биле должници, а акционерскиот капитал им беше одземен преку капитализацијата на каматите. Деструкцијата на производниот капитал создаде армија на невработени. Ваквите процеси имаа силен одраз врз политичката и кадровскта профилација на СДСМ и напуштањето на социјалдемократските програмски определби. Социјалната држава или во македонската варјанта живот за сите, се темелни вредности на социјалдемократијата. Напуштање на оваа вредност е почетокот на крајот на социјалдемократијата.
Кадровската структура, по својата слоевитост, како на идејно, така и на генерациско ниво, претставуваше своевиден ограничувачки фактор. Внатре во СДСМ егзистираа повеќе структури. Една наследена од поранешниот СКМ која многу брзо се декларираше како социјалдемократска, но со наследена идеолошка матрица, другата која се декларираше како неолибералистичка чија филозофија беше и сѐ уште е дека „пазарот е тој кој ги решава сите проблеми“ и третата која произлезе од шпекулативниот капитал и го бараше своето место во власта.
Критичката анализа на ваквата појава е едно од приоритетните прашања на партиската реформа. Прашањето е дали СДСМ можеше да изгради нови односи, да ја оствари толку потребната сопствена реформа со таков багаж. Одговорот е содржан во прашањето сака ли СДСМ да донесе и реализира програма која ќе се базира на вредностите на социјалдемократија, односно која е таа структура што треба тоа да го оствари или пак целиот проблем ќе биде сведен на борба за лидерската позиција која ја обезбедува и лидерската позиција во власта. Наместо одговор на овие прашања во раководните структури на СДСМ се ширеше тезата дека СДСМ конечно треба да се отргне од стариот менталитет наследен од самоуправното, социјалистичко општество иако прашање е кога и дали воопшто постоел таков менталитетет или пак сето тоа служеше само како алиби да се покрие суштината на проблемот. Прашање е дали било кога во политичката акција на СДСМ доминирал тој, таканаречен, социјалистички програм или пак бегајќи од синдромот СКМ, СДСМ стана жртва на интересите на новосоздадената, шпекулативна и финансиска структура и на „епигоните и ковертитите“ во сопствените редови
Ако сраснувањето на партијата со власта е по дефиниција извор на криза на политичките партии кои со тоа ја губат позицијата за критичко промислување на сопствената пракса и на анализа на општествените и политички процеси, има ли капацитет СДСМ да изврши разграничување помеѓу партиската лидерска позиција и лидерската позиција во извршната власт кога е на власт? Реформата на партијата, заснована на досегашните искуства, го актуелизира ова прашање.
Постоењето на силна социјалдемократска партија е од посебно значење за Република Македонија како мултиетничка заедница. Социјалдемократијата на Балканот од секогаш била двигател на позитивни процеси во меѓунационалните односи иако и таа запаѓала во кризи и не ретко не можела да се оддели од големо-националистичките претензии на сопствената буржуазија. Тоа се покажа и во изминатиот период на постоењето на независна Република Македонија постоеја периоди на падови, на попуштања пред притисоците на нациналистичките сили кои потоа скапо се плаќаа. Но, гледано во континуитет СДСМ беше и е позитивен фактор во градењето на меѓунационалните односи како клучен фактор за стабилноста на државата.
Реформата на СДСМ треба да значи уште подлабоко продирање во суштините на меѓунационалните односи во земјава. Конкретно, социјалдемократскиот програм, мора да се вгради и во политичкиот и вредносен систем на граѓаните од албанската и другите национални заедници како проект кој нуди далеку подобра иднина од етноцентризмот и инструментализацијата со нивните национални чувства, да се надмине сведувањето на учеството на националните зедници во власта на проценти со квалитативни промени кои ќе обезбедат нивен континиуран, широк и рамноправен пристап кон институциите на власта, односно вграденост во политичкиот систем. Рамката на Охридскиот договор треба да се надмине со правото на секој граѓанин на еднакви шанси за сопствениот развој и за развој на социјалниот, културниот и национален идентитет на заедницата на која и припаѓа. Не станува збор да се спори процентот како една потребна реалност во дадениот момент, но сепак тој представува извонреден инструмент на владеечката политократија за манипулирање со националните чувства и со граѓаните. Прво треба да ја покажеш правоверноста кон партијата и кон лидерот, па дури и да платиш, па потоа да станеш пратеник или „процентуален“ дел во раководната структура.
Реформата на СДСМ мора да одговори и на прашањето зошто СДСМ го губеше и се уште го губи информативниот простор, посебно кога се најдуваше на власт. Дали станува збор за арогнација која ја носи со себе власта, дали го немаше потребниот капацитет за критичко преиспитување на сопствената пракса, дали кумулацијата на функциите во еден мал број на функционери представуваше ограничувачки фактор?
Многу прашања, а малку време за одговори.
Конечно. сѐ додека примарна цел на социјалдемократијата е да ги убедат гласачите дека тие се респектабилна, напредна, алтернатива внатре во кругот на либерализмот, тие не можат, посебно не денес во услови на длабока криза на либерализмот, да ја очекуваат нивната подршка. Денес таа реторика не само што не е кохерентна туку е едноставно израз на сопствената криза.