Коронавирусот донесе страв меѓу населението, а властите убедуваат дека нема место за паника.
Ова е темата која ја обработи екипата на „5 Минути факти“. Првата епизода од емисијата се емитуваше вчера во вестите на Канал 5, и ќе оди секој понеделник во исто време.
„Ние информираме, не судиме“ е нивното мото, а во петте минути низ куси новинарски прилози и студиски дел ќе се зборува на актуелни теми.
Каков предлог-план за заштита од коронавирусот донесоа власите на Италија и на Хрватска каде што живеат голем број македонци, информираа од „5 минути факти“, а нивната екипа беше на граничниот премин Табановце да ја испита состојбата, колку патници од Италија се влезени во Македонија. Сите возила кои влегуваат во Македонија се подлежни на контрола од страна на граничната полиција.
Тимот на „5 минути факти“ беше и во Виница, градот од кој најмногу жители се иселуваат во Италија. Локалната власт од Виница потенцираше дека се подготвени за евентуален ризик при враќањето на граѓаните од Италија.
Стручно видување за тоа кои се пациентите со најголем ризик од овој вирус, даде и пулмологот проф.др Дејан Докиќ. Во изјава за „5 минути факти“ министерот за здравство Венко Филипче тврди дека Македонија е подготвена за заштита од коронавирусот. Дел од екипата го посети и карантинот на Инфективното одделение во штипската болница кое е во исклучително лоши услови.
На линкот во продолжение, погледнете ја целата емисија која Канал 5 ја постави на својот Фејсбук профил.