Прес центарот на ВМРО-ДПМНЕ работи со истото темпо како и порано. Како и не би, кога и новиот закон за финансирање на партиите им овозможува и ним и на другите големи партии комоција врз грбот на граѓанките и граѓаните. Секојдневно имаат најмалку десет соопштенија или текстови, а за време на викенд вообичаено стигнуваат до седум на ден. Не разбирам како, ни после толку „длабински анализи“ што ги најави Груевски пред да замине (формално) од функцијата поради презафатеност со СЈО, не им текна да сменат нешто во пристапот…
Секое нивно соопштение е потсетник дека ги крчмат парите за кои се испазарија со власта, а со тоа го штедат богатството што го приграбија за време на криминалниот режим на Груевски. Но, платил овој народ толку многу за нив, може уште неколку милиони да плати за нивните спинови.
Поентата е во тоа што ВМРО-ДПМНЕ, едноставно, нема кредибилитет да критикува било што. Голем дел од нивните критики се однесуваат на состојби наследени токму од нив. Веќе со оваа поента може да завршиме и на оваа констатација да ѝ ставиме една голема, мрсна, црна точка. Нема што да се објаснува, доволно е да се погледне што сѐ направија и што сѐ не направија.
Пред да го свртиме вниманието кон изненадувачки нискиот интензитет на вистински реформи од сегашната владејачка коалиција (од која стратешки дел беше ортак во паднатиот режим), мораме да расчистиме со нашето најблиско минато… А тоа најблиско минато, никако да се помири со поразот и да стане минато, туку ја загрозува сегашноста и уште повеќе – иднината.
ВМРО-ДПМНЕ е несериозна партија, најблаго кажано. Јавноста не може да прифати критика од нив, бидејќи не се вистинска опозиција, туку се структура киднапирана од група луѓе кои се под истрага или се на суд за тешки кривични дела. Своето бројно членство го користат како штит за заштита на лични интереси и богатства. Македонија, всушност, и нема вистински парламент, туку една мешаница од интереси и битки што не гарантираат многу демократија.
Не можете за убиство што докажано сте го направиле вие, да обвините некој друг. Не може ВМРО-ДПМНЕ да обвинува некој друг за убиството на демократијата и човековите права, уништувањето на медиумите, здравството, образованието, културата (долга е листата), во денови кога сѐ уште се чувствуваат сите погубни последици, да биде виновен некој друг. ВМРО-ДПМНЕ нема било какво морално или политичко право да говори. Ни да зуцне!
Но, критиката за власта постои. Таа не е организирана и систематска, но е гласна и шарена, каква што беше Шарената револуција, какви што беа протестите против полициската бруталност, за Тамара, средношколските и студентските демонстрации, стечајците, зелените иницијативи… Сите тие, знајни и незнајни хероини и херои на граѓанскиот отпор, се вистинскиот демократски потенцијал на ова општество. Тие се вистинските критичари на власта, врз чиј труд, упорност и храброст се случуваа промените, додека тогашната опозиција беше разединета и на колена.
Не секогаш добро формулирана, често претерана или со груб вокабулар, недоволно професионално заснована – но критика! Искажана низ постови на социјалните медиуми, во колумни и блогови, на јавни настапи или во помали форуми, спонтани или организирани. Тие се опозицијата што има кредибилитет и што оваа, нова власт ќе ја држат будна и под остриот зрак на анализата и критиката. И малкуте медиуми што и порано и сега се подготвени да поднесат жртва, да говорат и да објавуваат критика на секоја и најмала грешка на новата власт.
Значи, нема партија што може да си припише право на опозициска мисла и акција. Да се надеваме дека демократите во редовите на ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе ни дадат причина за радост, дека имаме и опозиција. Како што тргнало, тоа не може да се очекува брзо, но секој изгубен ден е пад пониско за оваа партија, а со тоа продолжено назадување и на демократијата. Во меѓувреме, граѓанките и граѓаните се контролори и критичари. И тоа добри!