Здружението „Но пасаран“ подготвува кривична пријава против 20 субјекти, институции, фирми и физички лица, за кои тврди дека преку снабдувањето со топлинска енергија во последните 10 години ги оштетиле граѓаните и државата за повеќе од 150 милиони евра. Пријавата, како што појаснуваат од Здружението, ќе биде поднесена следната недела до Јавното обвинителство или до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во 2016 година Здружението за истото дело поднесе пријава и до Специјалното јавно обвинителство со наслов „Топлинки“, но нема информација дали обвинителите работеле на случајот.
– Бараме одговорност за сите инволвирани во овој криминал не само за фирмите и институциите, туку и за нивните раководни лица бидејќи дозволиле изминатите 10 години преку парното да се реализира криминал. Се надеваме дека пријавата ќе биде прифатена од обвинителството и ќе има разврска за овој случај – вели Маријан Ненов од Здружението „Но пасаран“.
Тимот на „Но пасаран“, додава Ненов, неколку години истражува и своите наоди и резултати освен во „Топлинки“ ги внесе и во деталната кривична пријава која деновиве ќе биде поднесена.
– Напоменуваме дека се работи за случај на добро организиран криминал од лица од претходната власт, судската власт, Топлификација, БЕГ, Те-То, претходното раководство на Регулаторната комисија за енергетика, државни институции, но за наша жал и некои сегашни фунционери – велат од „Но пасаран“.
Од Здружението тврдат дека исклучените од парно се оштетени со 30 милиони евра, а Буџетот на државата е оштетен за сума помеѓу 100 и 150 милиони евра и тоа со плаќање на десетина пати поскапа наплата за топлинска енергија на државни институции. Но, велат од Здружението, оштетени се и вклучените корисници преку признати трошоци, напумпани цени, поскапа набавна цена од Те-То, договори за закуп со БЕГ АД со минимум 30 отсто поскапа цена за снабдување, како и неколку илјади фамилии кои никогаш не биле приклучени, а им била фактурирана „ангажирана моќност“.
– Само за илустрација судовите Основен и Апелација во зграда која има иста квадратура како и училиште во Аеродром плаќале неколкупати повисок износ за парно од училиштето. Годишно Судовите плаќале и до 180.000 евра за парно, а училиштето само 15.000 евра. За сите наши тврдења имаме документација. Сите информации се доставени до повеќе институции и СЈО, но досега нема никаква реакција бидејќи, мислам, никој не ги зема сериозно нашите наоди. Дури сега Регулаторната комисија почна да открива дека имало прелевање на пари од БЕГ во Те-то, па да видиме што друго ќе излезе од тоа – вели Ненов.
„Но пасаран“ претходно поднесе и барање до РКЕ за одземање на лиценците на Балкан енерџи поради незаконско работење и прекршување на условите за добивање лиценца.
– Очекуваме РКЕ наскоро да ги одземе, а потоа и да им ги додели на Градски енергетски системи. Со ова грешката од приватизацијата на Топлификација конечно ќе биде поправена, а граѓаните ќе добијат квалитетно и евтино греење и фер однос со снабдувачот. Во таа насока ја поздравуваме одлуката на Владата за враќање на топловодниот систем на Град Скопје, очекуваме до крајот на годината мигрирање на дистрибуцијата и снабдувањето, намалување на цените на греењето, ликвидација на групацијата БЕГ, национализација на Те-То, поведување на постапки против сите учесници во организираниот криминал, обештетување на оштетените и поднесување на одговорност – велат од „Но пасаран“.
Здружението во 2016 година со документација и свои наоди од истражувањето насловени како случај „Топлинки“ поднесе пријава и во Специјалното јавно обвинителство. Дали СЈО работело на овој случај нема информации.
Здружението „Но пасаран“ со години се бори за правата на исклучените граѓани од парно.