Ја гледам македонската политичка разгледница во последниве 50-60 часа и не можам да се оттргнам од чувството на блага згаденост. Блага, затоа што тоа чувство веќе подолго време ги следи многумина што со мене разменуваат мисли и ставови. Еве неколку секвенци од таа разгледница која веќе одамна изгуби од својата живописност.
Во еден агол од таа разгледница гледам една фигура што, уште еднаш, со својата грда појава како да ветува дека ќе предизвика нешто добро. Како што беше непосреден повод за Шарената револуција со срамната аболиција во 2016 година. Само што ја напушти претседателската вила на Водно, Иванов, попознат како Фикус, се заплетка во уште еден коруптивен случај на можен судир на интереси при изнајмувањето на лудо луксузните и пространи канцеларии во комплексот Скај сити на турскиот градежник Џеваир. Уште еднаш, во полна светлина, ги видовме налудничавите привилегии што ги добиваат бившите македонски претседатели (не само тој!). И тоа, според закон, изгласан во законодавниот дом! И надградуван со секоја нова генерација политичари…
Целата појава на Иванов, неговиот криминален од низ претседателските мандати, предизвика до сега најголем револт против привилегиите на функционерите. Почна со него, но не беше тешко да се фрли поглед наоколу и да се види дека ни еден функционер ни оддалеку не заслужува да ужива во раскош и после раскошот што им го обезбедуваат позициите додека окупираат некоја позиција.
Речиси истовремено, секако не за да се заштити Иванов, туку за да се постигнат посериозни и далекусежни цели, продолжува офанзивата на ВМРО-ДПМНЕ против реформите. Главна преокупација, секако, им е СЈО, во очајнички, но не сосема неуспешен, обид да се извлечат од менгемето на правната држава, која и онака е прилично разлабавена. Се разбира, тоа подразбира тапкање и на повратната патека на нивниот почесен претседател, азилантот Груевски. Во таа пајажина, видлив е и големиот пајак ДУИ, не го заборавам него…
На самите маргини на таа врева, координирана не само од дебелата дивоградба на вемерето, политичкото подземје се јави со уште една валкана „бомба“ со крајно приземен и сомнителен квалитет, на руската ВКонта́кте, споделена од самонаречената Трета политика на Љупчо Палевски. Овој пат за наводна набавка на кокаин за пратеникот и еден од водечките ликови на Шарената револуција, Павле Богоевски.
Тоа не е значаен политички удар на политичките гангстери врз власта, но заднината не е ни оддалеку наивна. Нивната стратегија е слична на онаа на Мицкоски и компанија, да се прави што е можно повеќе врева, насекаде, на секоја можна тема, едно упорно наметнување за да се обезбеди што е можно поголемо присуство во јавноста.
Уште повпечатлив сегмент на оваа разгледница е тенденцијата на криминогените политички структури да обезбедат опстанок. Важно им е на овие структури да се наметнат и да се претстават како релевантни, а по можност, единствени критичари на власта. Затоа, ним не им одговара да има други критичари, а најмалку сакаат да видат дека се говори за етика, правичност и законитост. Ним им одговара власта постојано да се заплеткува во корупциски скандали за да испадне дека „сите се исти“, во обид да го релативизираат сопственото срамно битисување на политичката сцена.
Сите заедно се фатени во еден грчевит и несмасен танц, секој гази врз стапалото на другиот. Сите заедно сакаат да се задржат во балската сала, во која се поставени долги маси со многу слатки плодови на моќта. Сите сакаат да бидат барони и баронеси, да носат раскошни руби, додека надвор од палатата на моќта владее глад, збунетост и очај. Има ли кој да викне фајронт?
Со лажни насмевки, сплетки, алчност, мрза и компромиси, нема фајронт. Да видиме што ќе донесе јуни… Според филозофијата на Фикусот, после јуни, доаѓа јули. Но, ајде… Толку пати бевме разочарани до сега, што не ни пречи да бидеме оптимисти уште еднаш.