Има ли за професорката живот после Фејсбук?

4310

Жестината со која противниците на изборот на професорката Гордана Сиљановска Давкова во ВМРО-ДПМНЕ се нафрлија со навреди и дискредитации на „ликот и делото“ на професорката, по својата бруталност и приземност – карактеристични за разулавените банди за линч кои хараат на Фејсбук на различни теми и каузи – наликува на примитивните кампањи резервирани за ништење на најомразените непријатели на нацијата. Жената се „растргнува“ и по статуси и по сајтови од тоа како изгледа, до тоа дека своевремено била член на Бордот на Соросовата фондација и на владата на Црвенковски, но и сè помеѓу што ќе им падне на памет.

Велат, таа е избор на Мицковски. А видовме дека беше избрана од огромното мнозинство – над 80 отсто – на членовите на партиската конвенција на таа партија, во конкуренција со десетина други кандидати. Сите ли тие 408 делегати – „послушници на Мицкоски!“ – се „соросоиди“ и љубители на Бранко Црвенковски?!

Можно е „тропањето на кантата“ на Фејсбук да е ехо-комора во која тоа што десет будали ќе го напишат и ќе добијат, да речеме, 100 лајка и 87 шерови, да звучи како да се илјадници луѓе во прашање… Потоа десетина-дваесет опскурни сајтови, а и по некој помалку опскурен, ќе ги преземат тие „кредибилни“ мерења на „пулсот на членството“ и ќе ги претворат во „глас на народот“ на едно „повисоко“ информативно-политичко ниво, како да се работи за „општо мислење“ на партиската кадровска инфраструктура и нивните симпатизерите. Па потоа на Фејсбук, во едно затворање на кругот од 360 степени, тие „информативни извори“ ќе се цитираат како кредибилни ширења на ставови и информации, небаре зад нив стојат анкети и анализи изработени од институти на Харвард. Останатото е „Со здравје да си го носиш!“, бидејќи се заборава дека сè започнало со десет будали…

Се разбира, во таа општа интернет-калакурница пропаѓаат како во жив песок, се губат втемелените анализи, сериозните барања за разјаснување на одредени ставови и погледи на кандидатката, кои ги нема во нејзината биографија и во релативно ретките јавни настапи. Кој има време да чита сталожени и логични анализи? Давај лопатите, фрлај гом… Уште, уште, уште…

Проблемот е во тоа што таа ВМРО-ДПМНЕ партија – или можеби секоја партија, до извесна мерка? – го обучуваше, го финансираше и го одржуваше тој капацитет за интернет-дискредитација на луѓе со години, вежбајќи се врз грбот, на семејните адреси и со единствените матични броеви на реалните политички опоненти. Бидејќи таа политичка битка ја изгубија и во реалниот и во виртуелниот свет на политичкиот натпревар, нивните фрустрации само им се зголемија и дополнително се хистеризираа, сега експлодирајќи во вистински политички канибализам истурен врз нивниот легално и легитимно избран партиски претседателски кандидат, Гордана Сиљановска Давкова.

За тоа, несомнено, има вина и раководството на самата партија. Со месеци самите произведуваат исклучива кампања за „црнилата на власта“ на СДСМ, спуштајќи го општото ниво на политичка коректност и на севкупниот комуникациски дискурс до толку простачки манипулации и лаги, за да се наметне впечаток дека сè е тотална катастрофа, национална пропаст, предавничка капитулација, крај на векот и светот… Е, па, еве ви го сега ефектот од тоа на тацна, директно во седиштето на партијата: претседателската кандидатка, „мајката на нацијата“ која веќе се прогласи зе избрана на функцијата за која ни противкандидатите – освен Амди Бајрам – не се познати, ви е тотална катастрофа, национална пропаст, предавничка капитулација, крај на векот и светот…

Фејсбук беше замислен како мрежа за пронаоѓање и ширење на пријателства. Денеска, во политичката борба, се претвори во комуникациско средство за „лов на вештерки“ и таргетирани дискредитации на сите кои, од некоја причина, не ви се допаѓаат.

Луѓето забораваат дека кој мавта со Фејсбук, од Фејсбук и ќе загине!

Има ли, за Гордана Сиљановска Давкова, живот после Фејсбук? Нема ли таа, за две-три недели, самата да се откаже од претседателската кандидатура, не можејќи да го издржи тој ужасен притисок кој само ќе расте?

Издржи, професорке Гордана… иако со добар дел од твои политички погледи – ако ги дознаеме – веројатно не се согласувам!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...