Имате „зелени идеи“? Пријавете се на конкурсот за иновации!

Конкурсот за зелени идеи е во потрага по бизниси со економска, социјална и еколошка димензија.

560

Иновативни идеи за отпочнување зелени бизниси од Македонија и годинава ќе се натпреваруваат за поддршка од 10.000 долари. Здружението за специјални иновации „Арно“ го објави конкурсот за аплицирање на проекти за реализација на зелени бизнис идеи, а рокот за аплицирање е до 20 јуни, 2018 година.

„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува мали, локални и зелени, одржливи бизнис идеи во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и во Србија. Победниците на националните конкурси, по тројца од секоја земја, се натпреваруваат на регионален конкурс што секоја година се одржува во една од земјите учеснички на натпреварот.

Овој конкурс бара да поддржи бизниси кои нема да користат пластика или фосилни горива во ниту една фаза. Дополнително, поради локалната димензија, не е дозволен увоз на материјали или работна сила, семиња кои не се од нашето поднебје и слично. Граѓаните треба да размислуваат за ресурсите кои ги имаме овде во Македонија, традициите, вештините кои не се доволно искористени – вели Ирина Јаневска од Здружението „Арно“ во разговорот за Плусинфо.

Кој сѐ може да учествува на овој конкурс и кои се условите за учество?

– Конкурсот за зелени идеи и годинава е во потрага по бизниси кои имаат економска, социјална и еколошка димензија. Идеите треба да користат локални ресурси и да се реализираат во рок од една година. На конкурсот можат да се пријават физички и правни лица, мали фирми со годишен обрт не поголем од 10.000 евра и граѓански организации, кои се носители на иновативна идеја која е во рана фаза на развој и претходно нема добиено парична поддршка. Сите критериуми и услови за учество се наведени на нашата веб страница (www.arno.org.mk), формуларот е краток, а посветивме и цела секција со често поставувани прашања за да им олесниме на граѓаните во разбирањето на дефиницијата и целиот процес.

Според актуелноста и светските трендови, адаптирани на потребите на нашата еколошка средина, какви зелени бизнис идеи би имале предност?

Согласно критериумите на повикот предност би имале идеи кои генерираат нови вработувања, идеи од кои имаат корист заедниците, и секако идеи кои ја унапредуваат природата и се одржливи. Важно е идеите да се напишани јасно, да се искрени и да имаат вклучено бизнис план, односно проекција како ќе се генерира и троши профитот. Од 2015-та наваму од кога „Арно“ го администрира конкурсот во Македонија сведочиме на навистина убави идеи кои се разликуваат многу меѓу себе, но сепак во нив лесно се препознава „зелената“ вредност. Порано многу беше актуелно производство на мед, еко-хостели, рурален туризам, рачни изработки, но со текот на времето сведочиме и на поголема иновација во апликациите: куќи од сламени бали, мобилна апликација за промоција на рурален туризам, модуларни куќи, инсекти како храна на иднината, органски гумени бонбони, рачно изработени играчки за деца итн. Да нагласиме дека користењето на алтернативни начини на превоз, чиста енергија е елиминирачки критериум. Овој конкурс бара да поддржи бизниси кои нема да користат пластика или фосилни горива во ниту една фаза. Дополнително, поради локалната димензија, не е дозволен увоз на материјали или работна сила, семиња кои не се од нашето поднебје и слично. Граѓаните треба да размислуваат за ресурсите кои ги имаме овде во Македонија, традициите, вештините кои не се доволно искористени.

Награда во вредност од 10 илјади долари ќе биде доделена на победникот на конкурсот, кој го одбира победникот и според кои критериуми?

– На национално ниво победникот го одбира жири кое има експертиза од различни полиња: бизнис сектор, граѓански сектор и екологија. Како пракса низ годините во жирито се вклучени и минатогодишните македонски регионални победници кои го знаат целиот процес и имаат искуство од регионалниот натпревар. Конкурсот е отворен до 20-ти јуни по што жирито ги оценува идеите и ги кани 10-те најдобро рангирани да ја претстават својата идеа на јавен настан. На настанот се бираат трите најдобри македонски идеи кои како награда добиваат менторска поддршка во вид на ваучери за користење на сертифицирани консултантски услуги од Асоцијацијата за Менаџмент консалтинг МКА 2000. Понатаму, победниците, со помош на „Арно“, се подготвуваат за регионалниот форум на кој се натпреваруваат за награда од 10.000 долари која ја доделува Фондот на браќата Рокфелер од САД.

Предизвикот за промовирање и поддршка на зелени бизнис идеи не останува само во рамките на Македонија, туку натпреварот продолжува и во балкански рамки. На кој начин се одвива оваа соработка со другите земји?

– Филантропија преку зелени бизнис идеи е годишен конкурс кој се спроведува во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и во Босна и Херцеговина. Во секоја од земјите организациите го распишуваат конкурсот и бираат тројца победници. Важно да се спомне за оваа регионална димензија е што конкурсот ги следи истите критериуми и правила, и на регионалниот настан кој се случува секоја година во една од земјите сите победници се оценуваат од меѓународно, стручно, независно жири. Годинава Македонија е домаќин. Компетитивноста е на високо ниво, и секоја од земјите навистина се стреми кон победа, бидејќи освен можност за поддршка победата е и признание за самата земја и за креативноста во овие нови економски модели на зелена економија. Македонија од 2015-та година наваму секоја година има регионален победник. Минатата година имавме дури и две регионални победнички идеи. Навистина сме горди на тоа.

Дали вашата „обврска“ кон победниците завршува со доделувањето на паричната награда или понатаму го поддржувате и следите развојот на идејата во реализација?

– Иако станува збор за неповратни парични средства, сепак процесот е сериозен, па така победниците кои ќе освојат награда се обврзуваат во рок од 30 дена да регистрираат правен субјект, доколку аплицираат како физичко лице, и да потпишат договор. Самиот договор ги утврдува условите на администрирање на наградата. „Арно“ како организација е одговорна да спроведува мониторинг и евалуација на самата идеја, меѓутоа тука е за победниците и во поддршка на нивна промоција, вмрежување со други донатори и растење на зелениот бизнис.

Според досегашните искуства, колку победничките бизнис идеи успеале да се реализираат и со каков напредок и ефикасност?

– Во 2015-та Македонија го доби својот прв регионален победник: Наша Добра Земја-Прва кооператива на органски потрошувачи која денес е препознаена продавничка од која можете да набавите органски производи. Во 2016-та македонски победник е Марта Мојсова, млада архитектка која основаше стартап за поправка и редизајн на стар мебел (СПИН) и во 2017-та имаме двајца победници: Кристиан Шопов, еко-магионичар кој регистрираше своја компанија и денес преку забава, поточно еко-илузии, пренесува еколошки пораки и Јане Заевски, кој заедно со својот тим ја основаше платформата „Храна за сите“ преку која се продава и донира непродадена храна од угостителските објекти.

На регионално ниво победниците исто така основаат свои субјекти и стануваат препознаени во заедниците. Минатогодишниот победник од Црна Гора изгради камп под манастирот „Острог“ и нуди еко-туристички тури и престој. Албанската победничка идеја од 2016-та на Пезана Реја е социјално претпријатие кое произведува мебел од палети со вклучување на лица со ментална попреченост. Косовски натпреварувачи основаа фирма за производство на 3Д принтер кој користи биоразградлива пластика и имаат претставништво во Лондон. Во Србија благодарение на овој конкурс земјоделци констурираа соларна сушара на овошје и сега имаат пласман на производи во нивната зедница во Копаоник. Идејата на конкурсот е токму во тоа овие мали бизниси да продолжат со работа и да бидат пример за сите дека општествената одговорност и филантропијата во приватниот сектор започнува уште пред да се регистрира субјектот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...