Ново затворање на текстилни фирми ќе има ако Владата изгласа зголемување на минималната плата и годинава оти ваква мерка крајно неповолно се одразува врз работата на фирмите од секторот, велат од Текстилниот кластер по најавата на премиерот Зоран Заев дека годинава ќе има ново зголемување на минималната плата. И од бизнис заедниците се против зголемување на минималната плата, оти како што велат, сега не е погоден момент за тоа. Експертите со став дека економските законитости треба да доведат до повисоки плати, не тоа да се прави со субвенционирање.
– Ова е само музичка желба која помалите текстилни фабрики нема да можат да ја исполнат. Ним им се заканува затворање бидејќи таков притисок врз финансиското работење нема да можат да издржат. Во овој сектор сме под голем притисок на конкуренцијата од регионот и евтините производители од Далечниот Исток и секое зголемување на платите е притисок врз цената на производот и неговата конкурентност. Ние не сме за ниски плати, но тоа треба да биде резултат на нашата финансиска и производна моќ – вели претседателката на Кластерот, Марија Перковска.
Таа забележува дека она што се најавува како износ од 1.000 денари повисока плата за вработените, за компанијата значи многу повеќе.
– Знаете она што беше најавено дека за 1.000 денари нето ќе се зголеми минималката за компаниите тоа значи 1.300 денари помножена со бројот на вработени на месечно и на годишно ниво тоа е голем износ за компаниите кои и така се во незавидна положба. Да потсетам, претходното зголемување на минималната плата за компаниите значеше зголемување на трошокот за 25 до 30 отсто, а државата субвенционираше само 10 отсто. Тогаш се очекуваше и покачување на другите плати, но се случи урамниловка и незадоволни работници – дополнува Перковска.
Решение за проблемот, според неа, е во исполнувањето на барањето на членките на Кластерот за замрзнување на придонесите во секторот на ниво од 50 отсто и субвенции на останатиот дел од страна на државата.
– Така овој дел би останал во платата на работниците, а компаниите не би имале трошок кој не можат да го покријат – појаснува таа.
Од Сојузот на стопански комори сметаат дека сега не е погоден момент за зголемување на минималната плата.
– Постои нестабилна економска состојба во која не е вистински момент да се прават реформи во оваа насока, особено не во промена на Законот за минимална плата затоа што тоа ќе има повеќе негативни отколку позитивни последици како што и беше истакнато во најновите извештаи на ММФ. Нашиот став, принципиелно е дека платите треба да бидат повисоки, но да имаме национална стратегија која треба да има зацртани цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, за обезбедување стабилен пласман на македонски производи, зголемување на бројот на компании кои извезуваат. Откако сето тоа ќе се постигне, платите природно ќе пораснат, но да се наметнува вештачко зголемување на платите во услови на непродуктивност само ќе го зголеми преминувањето во неформалниот сектор – изјави неодамна претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска.
Странските инвеститори во земјава сметаат дека за евентуалното зголемување на минималната плата требало да бидат информирани пред една година. Во анкетата на Германската стопанска комора инвеститорите констатираат дека тоа ќе влијае врз новите инвестиции.
– На почетокот на оваа година се изгласа Законот за зголемување на данокот на доход од 10% на 18% за примателите на плата повисока од 900 евра нето. Доколку се донесе и законот за зголемување на минималната плата, повторно компаниите ќе се соочат со дополнителни давачки кои не се навремено предвидени во нивните буџети – наведоа од Германската стопанска комора.
Експертите, пак, сметаат дека субвенционирањето на платите нема да ја зголеми продуктивноста и конкурентоста на компаниите, но може да биде товар за фирмите.
„Мерката на владата е позитивна, но сепак 70 отсто од порастот на платата треба да го создаде работодавачот. Значи тој раст мора да произлезе од растот на фирмата, т.е. од поголема продажба и не може да се наложува со закон. Затоа на долг рок поефектни би биле мерките кои поддржуваат инвестиции, надградба на технологија и производство со поголема додадена вредност“, оцени Finance think.
Претходно, Светска банка оцени дека ново зголемување на минималецот ќе ја продлабочи сивата економија и ќе ја зголеми стапката на невработеност кај младите.
Единствено задоволни од новото зголемување на минималецот се синдикатите кои очекуваат тоа да влијае и на зголемување на другите плати.
Моментално минималната плата е 12.000 денари.