Денес е предизвик да се најде начин како да се задржи вниманието на детето. Така, и ние мораме да бидеме во тек со новите трендови и да наоѓаме решенија како да го привлечеме и задржиме интересот на децата кон книгите и читањето, вели Катерина Николовска, која ги илустрираше познатите „Бајки од Македонија“.
Николовска почнала да црта уште од мала. Цртала од пејзажи кадешто секогаш било сончево, принцези, замоци и куќички, ѕвезди и планети, до различни измислени животни и суштества. За време на школувањето во средното медицинско училиште, цртањето го запоставила, но на него се вратила подоцна во текот на студиите, кога си го купила првиот таблет за цртање. За специјалистичкиот труд ја направила нејзината прва сликовница за деца, а до денес, Катерина има илустрирано 15 сликовници. Вели дека сега, повторно се враќа на она време од детството и црта пејзажи, принцези, замоци, ѕвезди и различни суштества.
Пресвртот во илустраторската кариера на Николовска се случил кога победила на конкурсот за илустрација „Бајки од Македонија“, објавен од Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине!“ во соработка со издавачката куќа „Арс ламина“.
– Аплицирав буквално последниот ден пред истекот на рокот за пријавување на конкурсот и воопшто не очекував победа. Но, подоцна добив покана од „Браво сине“ да присуствувам на прес-конференција, на која ќе биде прогласен победникот. Таму бев известена дека сум меѓу првите тројца. Јас сѐ уште не верував дека ќе бидам победник, сѐ додека не ми го доделија чекот и договорот дека ќе бидам илустратор на цела едиција од четири сликовници – објаснува Катерина.
Рокот за изработка на илустрациите бил прилично краток, но тоа не ја исплашило. Била свесна за подвигот, но подеднакво, била сигурна дека ќе даде сѐ од себе и ќе успее да ги заврши илустрациите на време.
– Кога нешто се сака, сѐ е можно и тогаш не постои пречка – уверува таа.
Катерина била наградена дури за четири „Бајки од Македонија“: „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Девојчето и дванаесетте месеци“ и „Вејко Северко“. Оттогаш, продолжува нејзината соработка со „Браво сине“ и „Арс ламина“, сега и на новата едиција насловена „Бајки од Македонија за цела година“.
Инаку, „Бајки од Македонија за цела година“ вклучува 52 бајки, односно за секоја недела по една бајка, од народното творештво, во прилагодена јазична форма и со модерни илустрации. Книгата ќе биде промовирана кон крајот на годината.
– Самото тоа што продолживме со овој поголем проект наречен „Бајки од Македонија за цела година“, говори дека имаме одлична соработка со „Браво сине“ и „Арс ламина“. Четирите бајки покажаа огромен интерес кај децата, па така, со оваа книга, ќе можат да уживаат во читањето на уште 52 прекрасни приказни од народното творештво – додава таа.
На што размислува додека ги црта илустрациите за бајките за деца?
– Најпрво седнувам и го читам текстот. Всушност, додека читам, веќе ги замислувам сцените и ги креирам ликовите во главата и како тие ќе изгледаат. Потоа, седнувам и ги цртам истите тие сцени и ликови кои се апсолутно различни од она што претходно сум го замислила во главата – ни одговара со насмевка.
Секако, свесна е дека модерните бајки бараат и помодерен стил на илустрирање, адаптиран на вкусот на денешните деца кои растат со интернет и кои имаат можност да ги следат светските трендови на бајки.
– Денешните деца, па и идните генерации уште од најмала возраст веќе имаат пристап до интернет и новите медиуми. Затоа, денес е предизвик да се најде начин како да се задржи вниманието на детето. Така, и ние мораме да бидеме во тек со новите трендови и да наоѓаме решенија како да го привлечеме и задржиме интересот на децата кон книгите и читањето – вели Катерина.
Ни објаснува дека децата се нејзината главна публика, а воедно, и најголеми критичари.
– Ги сакам сите нивни реакции, кои задолжително ги земам предвид за следниот проект наменет за нив. Тоа се реакции кои предизвикуваат силни взаемни емоции. Многу ме радува кога детето ја раскажува приказната, кога родител ќе ми испрати слика од цртеж на дете каде има прецртано некоја моја илустрација, а најчесто е тоа некој од ликовите – додава таа.
За жал, само од професијата – илустратор, во Македонија не може да се живее.
– Најчесто илустраторите во Македонија се фриленсери. Има, но ретко каде може да се најде работна позиција како илустратор. Работа за македонски пазар има, но за жал, барем јас не познавам некој кој работи само како илустратор и заработува само од македонски клиенти. Кај нас има многу талентирани илустратори и во иднина ќе има бидејќи оваа гранка станува сѐ повеќе популарна како кај нас така и во светски рамки. Верувам дека секој со огромна желба, напорна работа и посветеност, ќе го постигне она кон кое цели – завршува Катерина.