Или ВМРО или Македонија

Брзите парламентарни избори се единствениот референдум во кој непознатиот број избирачи во Македоња Вечна нема да создава математички, политички и логички апсурди, зашто таму се бројат само оние што излегле да гласаат. Од нашата независност и повампирувањето на оваа дотогаш мртва криптофашистичка дружина, почна повторно да ја снемува супстанцата на македонската култура. Толку очигледно: ВМРО е македонското непостоење, а Македонија е можна само без ВМРО како политички фактор.

1633
grcev

Деновиве по мрежите, во кои се препелкаме ко милионско јато сардини, прошета еден кус, духовит и тажен поздрав од Босна, во форма на афоризам. Вели: „Македонците се големи уметници, зашто вистинска уметност е да бидеш поглуп од Босанците“. Горка порака од босанските браќа, што во она време – младите веќе не паметат – кога бевме заедно, произведуваа генијални вицеви на своја сметка, во кои се величаше нивниот вицарошки „идентитет“, да бидат најглупави од сите… Радосно, креативно и сосем непредвидливо глупи, а всушност возвишено надреални.

Така, со децении беше омилен вицот во кој Босанецот на печалба во Германија, обидувајќи се да добие работа, се поти на интервју пред потенцијалниот работодавач. А, овој, со охола тевтонска рамнодушност го одбива: „Што беше ти“, прашува тевтонецот, „Босанец, нели… па вие сте најмрзливи од Југословените?“ Рипа Босанецот, засркнат од неправдата и се обидува да ја поправи очигледната грешка и да ја добие работата: „Наајн, најн, хер шефе“, го моли тој работодавачот, „голема грешка: најмрзливи се Црногорците, а ние сме најглупави… ве молам!“. Така беше во далечната Југославија, во време коешто во нашата Вечна историографија и јавен простор веќе како и да не постоеше, а оттогаш до денес, ако добро паметам, ова е за првпат Босанците да ни го предадат својот долго време за секој друг неосвоив пехар на глупоста нам, на Македонците…

 

Диктатура на глупоста

 

Интересно е што референдумот – тој во ѕвезди кован институт на демократијата и на народниот суверенитет – сè почесто во светот произведува обратен ефект од оној за кој е наменет и за кој е измислен. Наместо да биде триумф на демократијата, тој ги прави нациите да испаднат глупави ко цепаници.

Најдобар пример за оваа контроверза е веќе ноторниот британски „брегзит“ референдум, пред две години, кој направи Британците од најзрелата, најмудрата и најпаметната политичка нација на светот, во еден миг да се престорат во тешки глуперди. Од кралеви на демократијата и политичката уметност – како со магионичарски трик – станаа толпа на будалетинки што малоумната грешка од референдумот ја исправаат како и нашиве вмровци: со гордо и цврсто инсистирање дека грешката не е грешка и дека од малоумниот „вокс попули“ нема да се отстапи, па макар јаделе корења! Ние практично незаслужено го добивме од браќата Босанци пехарот на глупоста, зашто ние не испаднавме поглупави по референдумот отколку што бевме пред него: да не заборавиме дека земјава е заглупавувана повеќе од деценија од страна на вмровската диктатура на глупоста. Така што, пехарот им припаѓа на Британците, а нас референдумот може да нè направи само попаметни, зашто може и на последните наивци и добричини да им ги отвори очите, за да сфатат дека не може да постои Македонија додека постои ВМРО.

Така е веќе цел век и кусур, колку што постои македонскиот национален и културен проект. Идејата за македонската државност и културна посебност, откога никна од земјата и ги пушти првите нежни ливчиња кон крајот на 19 век, беше изгорена од Балканските војни и од Првата светска војна, за практично да умре во времето на вистинското ВМРО, од 1919 до 1934 година, кога оваа терористичка организација убиваше само Македонци. Македонскиот проект повторно про`ртува по 1934 година – кога бугарската царска полиција го распушти ВМРО за да израсне во вистинска историска нужност и реалност до АСНОМ 1944. Македонија се појавува на историската сцена само кога фашистичката ВМРО е на гробиштето на историјата.

Најголемиот и единствениот период на изградба и исполнување на македонската посебност, најплодниот и најцветниот период на самосоздавање и репродукција на нашата култура, од 1944 до 1991 повторно беше можен само со непостоењето на ВМРО. Од нашата независност и повампирувањето на оваа дотогаш мртва криптофашистичка дружина, почна повторно да ја снемува супстанцата на македонската култура за да дојде безмалку до клиничка смрт за време на децениската диктатура. И, да не должам, толку е просто и толку очигледно: ВМРО е македонското непостоење, а Македонија е можна само без ВМРО како политички фактор.

 

Брзи избори

 

Инаку, ако анализираме детали од постреферендумската реторика на ВМРО и вмроидите, пехарот можеме сепак да им го преземеме на Британците. Зашто, да тврдиш дека на референдумот се изјасниле „против“ милион и двесте илјади граѓани со право на глас, а во таа бројка да ги пресметуваш не само сите што од која било причина не излегле да гласаат, туку и најмалку половината милион непостоечки гласачи сè уште и кој-знае-како запишани во Избирачкиот список, навистина треба да бидеш најголемиот кретен на светот.

Таквата сметка не само што е идиотска, туку таа е суштински недемократска, односно смртоносна за демократијата, зашто ги делегитимира сите што ја практикуваат демократијата и што излегуваат на демократски избори, и, конечно, ги делегитимира и безмалку сите демократски влади што се кога и да е избрани во политичката историја на светот!

Потоа, тука е идиотлукот во кој сите се плеткаме упорно пресметувајќи го процентот на излезност како клучен и најегзактен показател за успешноста на референдумот. Но, не се прашуваме: 37 проценти од ШТО? Ако прашаш осмоодделенец колку се 37 проценти од непознат број, детето ќе ти се изнасмее во лице, зашто тропаш очигледни глупости… Но, како што реков, да не бистрам детали, оти ќе си го заслужиме братски отстапениот пехар.

Брзите парламентарни избори се единствениот референдум во кој непознатиот број избирачи во Македоња Вечна нема да создава математички, политички и логички апсурди, зашто таму се бројат само оние што излегле да гласаат. Но, без вмровската поука од погоре, и со избори не мора да излеземе паметни. Паметни ќе сме само ако создадеме предизборна коалиција за европска Македонија од сите партии што се ЗА, оставајќи ја ВМРО како единствена партија на референдумското ПРОТИВ. Или ВМРО или Македонија.

 

Објавено во „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...