Илија Димовски ја советува Ангеловска „помалку да го слуша премиерот“

690

На попладневното продолжение на 110-тата седница пратениците од власта и опозицијата дебатираат за предлозите за нови членови на Владата, а во фокусот на расправата е предлогот нов министер за финансии да биде 31-годишната Нина Ангеловска, основачка на Групер.мк.

Пратениците во меѓусебните реплики се прозиваат и критикуваат за економијата – опозиционерите обвинуваат за негативни показатели, а од власта посочуваат аргументи за позитивни трендови.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на предложената Ангеловска „помалку да го слуша премиерот“ зашто, според него, таа не е доволно информирана за финансиската состојба на државата – за заемите, задолжувањата, намалената наплата на даноците…

– Немам никаков сомнеж околу личниот капацитет, немам ни право затоа што помлад станав пратеник во Собранието и би било нефер да критикувам. Слушам и позитивни работи, но ќе бидете доведени во ситуација да потпишете комерцијален заем, не програмски, со отсуство на проект, за изградба на Клинички центар. Ваша ќе биде лична одлуката дали ќе ставите потпис. Ќе бидете соочена во оптек да се пушти нова еврообврзница за која Владата планира да биде од половина милијарда евра – рече Димовски.

Тој ја обвини Владата предводена од СДСМ дека не само што не го вратила и намалила долгот туку, како што рече, за 600 милиони евра е зголемен вкупниот долг на земјава  откако е СДСМ на власт.

Буџетот е финансиски стабилен и ликвиден како никогаш досега, одговори Заев, посочувајќи притоа бројки за позитивни движења во економијата.

Пратеникот Влатко Ѓорчев праша дали се исплаќаат плати на рака во фирмата на Ангеловска и кои се профилите на луѓето во Вебспот, фирма-мајка на Групер.

– Дали идната министерка исплаќа плата на рака. Ако е така, не е морално. Успешна приказна ни се продава за фирма во која се делат плати од 12.000 до 14.000 денари за да се плаќаат помалку придонеси. Од друга страна, гледаме дека бизнис-условите поред неколку години и не биле така лоши за време на режимот – рече Ѓорчев.

Toj jа повика Ангеловска на прес-конференција да каже како за еден месец треба да го прави буџетот за 2020 година и праша дали ги знае имињата на луѓето со кои ќе соработува, вклучително и на заменик-министерката за финансии.

– Ангеловска може да биде добар заменик-директор во Фондот за иновации, не за министер. Нина Ангеловска е добар менаџер но апсолутно не е спремна да го води Министерството за финансии – рече Ѓорчев.

На оваа седница Ангеловска нема право да одговара на пратенички прашања и тоа го прави претседателот на Владата како нејзин предлагач. Заев  им порача на опозициските пратеници да се воздржат од интриги со кои го валкаат и дискредитираат професионалниот бекграунд на Ангеловска.

– Имате успешен млад човек, а вие со леснотија и од старт ја уништувате како личност. Кажувате негативен пример само за политички цели затоа што не е од ВМРО-ДПМНЕ. Разбирам различни ставови и критики, но ваков наратив не може да ја подобри состојбата на државата – рече Заев реплицирајќи му на Ѓорчев.

Во нејзино име премиерот одговори дека Ангеловска е упатена во ставките за ребалансот на буџетот кој, рече, во понеделник или вторник ќе биде на седница на Влада и потоа доставен до Собранието.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...