Илија Димовски: Пазарот за името го направивте за да дојдете на власт, а не го заштитивте

1045

Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ без влакна на јазикот денеска му се обрати на министерот за надворешни работи Никола Димитров, откако тој на собраниската Комисија за надворешна политика во речиси едноиполчасовен говор пред пратениците објасни зошто Македонија не доби датум за преговори со ЕУ и во долгоочекуваниот октомври.

Димовски му забележа на Димитров дека власта го сменила името, но не обезбедила заштитни клаузули. Тој дури и рече дека многу порано знаеле дека земјата нема да добие датум, но наместо тоа да им го кажат на граѓаните, сега посфестум се прават жртва.

– Го знаевте ставот на Франција и пред постигнувањето на Преспанскиот договор, а сепак не ставивте заштитни клаузули, а пазарот за името оваа власт го направи уште пред да дојде на власт, а за да дојде на власт – рече Димоски.

Димитров реплицираше и рече дека не е точно оти не се обиделе да го поврзат прифаќањето на новото име со членството во ЕУ. Тој додаде дека ако се случело тоа, тогаш немало да има договор.

– Тезата дека овој договор го продава најсветото е дрска, погрешна и штетна – реагираше Димитров кој потсети дека во 2012 сме имале најголеми шанси за преговори со ЕУ, кога група земји притискале за тоа прашање.

Според Димитров ЕУ сега нема иста волја за проширување, а тоа го менува и нашиот контекст.

– Сега сме со Албанија која стана кандидат за членство во 2014 година и со две препораки. Ние сме со десет препораки. Тоа создава дополнителен предизвик. Самиот Макрон, покрај укажувањата дека прво треба да ја средат својата куќа, укажа и на тоа дека нивната проценка е оти ќе биде грешка ако одделно ги третираат македонската и албанската кандидатура. Јас и вчера укажав дека иако имаме интерес сите наши соседи да одат напред, тоа е неконзистентно со фокусот на унапредување на методологијата на пристапниот процес, бидејќи тој вели дека секоја земја треба да се цени според сопствените заслуги. Ако една земја ја условите за нешто што е надвор од нејзина моќ и влијание, тогаш логиката на процесот на пристапување веќе не постои и тоа значи политизација на еден процес што треба да биде базиран на мерит – рече Димитров.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...