Општина Илинден е прогласена за општина со најповолно бизнис опкружување од Република Македонија во рамки на регионалната иницијатива за промоција на поволно бизнис опкружување „Партнерство за конкурентен регион“.
Доделувањето на сертификатите за поволно бизнис опкружување се одржа денеска во Белград, а на него присуствуваше и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
Сертификатите се доделуваат на општини од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина, а досега ваков сертификат имаат добиено и Град Скопје и општините Струмица, Гази Баба, Богданци, Штип и Велес.
Министерството за локална самоуправа информира дека Business Friendly Certification South East Europe (BFC SEE) претставува единствена програма за подобрување на квалитетот на услугите и информациите кои општините од регионот на Југоисточна Европа им го нудат на компаниите.
Иницијативата се имплементира со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ)-Отворениот регионален фонд за модернизирање на општинските услуги, BFC SEE. Програмата почна во 2012 година преку мрежа на партнерски институции од регионот со цел да се воспостават заеднички стандарди и да се стави печат за квалитет за бизнис средината во општините и големите градови во Југоисточна Европа.