Со воведни зборови на одбраната, денеска продолжи судењето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година.
Еден од обвинетите, Богдан Илиевски посочи дека ниту учествувал ниту би учествувал во било каков план или акт кој вклучува насилство бидејќи како човек не го прифаќал насилството и не верувал во насилството како начин за решавање на проблемите.
-Слободата на говор не е терористички акт туку Уставно начело и основно човекото и демократско право. Истото важи и за слободата на политички став и размислување, исто како и слободата на јавно мирно собирање. На нашите мирни протести поставивме кодекс на однесување согласно нашите морални и етички убедувања, кодекс кој јавно го објавивме и го ширевме говорејќи за него на собирите. Баравме од учесниците на протестите да се придржуваат до нашите правила според кои говорот на омраза, било какво насилство и провокации, шовинизмот и други агресивни однесувања не се дел од Иницијативата за Заедничка Македонија – рече Илиевски и додаде:
– Од доказите кои се јавно достапни за сите на интернет, а можеа да се видат во директниот пренос и од илјадниците на улиците, веднаш штом дознавме за избирањето на Талат Џафери за претседател на Собранието, ние повикавме на продолжување на мирните протести како и претходните 59 дена, за момент подоцна и јас и Борис Дамовски од говорница јавно да побараме предвремени парламентарни избори. Ова се гледа на целосните снимки кои не се манипулирани и на нив секој може да ја види целосната вистина, што не е случај со некои видео материјали пуштени по интернет во кои со минијатурни фрагменти и со зла намера се вадат вон контекст нашите протестни повици.
Илиевски посочи дека имало разни провокатори со план за оцрнување на мирните протести, меѓутоа секогаш кога ќе дознаел за такво нешто се спротиставувал и ги осудувавал јавно. Тој рече дека е убеден оти на крајот на постапката судот ќе биде убеден дека не е виновен.