Изложба „Сценографии 35“ и две претстави вечерва на МОТ

148

Со две претстави и изложба во Младинскиот културен центар вечерва продолжува 43. „Млад отворен театар“ (МОТ).

Од 20 часот во кино „Фросина“ е претставата „Идиоти“ на Словенско младинско гледалишче, додека од 22 часот во Денсинг салата ќе биде одиграна „Има уште“ на германскиот театар Кунстлерхаус Муузонтурм.

„Идиоти“ е според сценариото на познатиот дански режисер Ларс фон Трир. Ја поставува Нина Рајиќ, една од најартикулираните театарски гласови на младата генерација, заедно со посветена група театарски работници.

Наместо да ги прифати стереотипите, „Има уште“ го става во фокусот феминистичкото порно, опишувајќи различни луѓе и задоволства. Претставува вид експеримент, предлог до публиката за заедничко кореографско искуство.

Пред овие две претстави, во рамки на придружната програма на МОТ, од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Сценографии 35“ на Крсте С. Џидров, еден од најистакнатите македонски сценографи од поновата генерација.

Изложбата е ретроспектива на 35-годишната сценографска кариера на авторот. Ќе бидат изложени деведесет паноа со скици, цртежи и фотографии од претстави, како и петнаесетина оригинални скици-цртежи изработени во комбинирана техника (туш, пастел, акварел).

Со изложбата авторот одбележува 35 години од првата изложба на сценографии која во 1985 година ја поставил заедно со Симе Узуновски во галеријата во МКЦ, исто така во рамките на МОТ.

Џидров од 1970 година е присутен во македонскиот театар како актер во неформалната култна театарска група „Театар кај Св. Никита Голтарот“, а подоцна и во Театарската работилница при Филозофскиот факултет во Скопје. Таму почнал да изработува сценографија, кукли, маски, реквизити. Во 1982 година режисерот Владимир Милчин го ангажирал заедно со Симе Узуновски за сценографи во Театарот на народностите – Албанска драма, во претставата „Бовча“. Оттогаш Џидров имал изработено повеќе од 150 сценографии за театарски претстави и соработувал со над 40 режисери. Неговите сценографии се поставени на 33 театарски сцени, а за некои добил и награди и признанија. на домашни и на меѓународни фестивали.

Изложбата „Сценографии 35“ ќе може да се посети до 28 септември кога и завршува МОТ.

МОТ почна синоќа со филмската пародија „Блокбастер“ во Македонскиот народен театар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...