Изет Цури: Политичарите на власт не сфаќаат дека се наши аргати!

Имам впечаток дека кога некој од политичарите на власт зборува за Македонија, зборува како да е таа негова, а не сфаќаат дека се тие само аргати кои ние сме ги избрале да работат за нас. Уште не го разбрале тоа! Ние ги плаќаме, а тие се однесуваат како газди, вели еден од нашите најпознати дизајнери кои за да ѝ се оддолжи на својата покојна мајка и на своите скопски мајстори од кои го научил занаетот, реши да се врати во Скопје и да им го пренесе знаењето на студентите на Меѓународниот моден институт кој го носи неговото име.

1003

Изет Цури е реномиран моден дизајнер од Македонија, кој речиси пет децении активно работи на француската модна сцена. Од скопски кројач станал светски познат моден дизајнер и направил бренд од своето име во колевката на модата – Париз. Пред неколку години во Старата чаршија во Скопје, градот на кој смета дека му го должи ова, исто како и на својата мајка и скопските мајстори од кои го научил занаетот, го отвори Меѓународниот моден институт „Изет Цури“.

Господин Цури пораснал во Скопје и на само 14-15 години, по наредба на својата мајка, која по скопскиот земјотрес останала вдовица со 9 деца, почнал да го учи кројачкиот занает. Почнал  кај  кројачот Страхил Јакимовски-Цале, а потоа и кај Благоја Ангелковски. Уште додека бил калфа кај мајстор Цале, на само 15 години научил да шие пантолони и кошули, па мајсторот кој не ги сфаќал сериозно тогашните музичари од групите „Ураган“, „Безимени“ и „Бисери“ (последниве две подоцна се споиле и ја формирале најпознатата група од тоа време- „Бис-без“), ги препраќал кај него, тој да им шие облека.

Бидејќи првиот пат им ги згрешил кошулите, морал да се снаоѓа. Го земал материјалот кој неговата мајка си го имала купено за себе и на тогашните рокери им направил кошули со цветчиња. Тие толку многу им се допаднале што потоа сите скопски рокери почнале да носат цветни кошули. Шиел дури и за членовите на „Бјело дугме“ кои во 1976 година дошле да свират во Универзална сала и бидејќи се познавале со тукашните музичари, овие ги однеле кај Изет да им земе мерка.

И ден денеска, вели господин Цури, во контакт е со Горан Бреговиќ кому му правел костими и во Франција.

Кога се вратил од војска, со својот другар Томе Малинковски, исто така ученик на Ангелковски и, како што вели, многу талентиран човек, отвориле работилница и бутик на тогашниот Булевар ЈНА.
Шиеле по нарачка, а повеќето од нивните муштерии, односно 99 проценти од нив, биле мажи.

Во тој период решиле тој да оди во Париз и да донесе оттаму каталози и некои идеи. За неговото патување се подготвувале една и пол година.

Доаѓањето во Париз за Изет Цури претставувало голем шок. Многу списанија, излози, витрини, не ни замислувал дека постои нешто такво. Но набргу останал без пари. Набргу почнал да работи во познатата модна куќа Хермес, една од најголемите светски модни куќи. Оттаму го испратиле да учи јазик и да се обучува. Останал во Хермес четири години, а цели шест месеци му требале за да ѝ каже на својата мајка дека нема да се врати. Кога ѝ кажал дека решил да остане, таа била многу тажна. Никогаш не дошла да го посети во Париз, а му се налутил и ортакот. Сепак, подоцна му објаснил како се чувствува и му кажал дека сака да учи и да оди напред. Таму научил многу работи, но истовремено го имал добро научено занаетот и знаењето кое го стекнал од неговите мајстори во Скопје му ги отворило сите врати во Франција.

Денеска тој 70 отсто од своето време поминува во Скопје.

„Пред неколку години ме повикаа од општина Чаир да направам школо и веднаш дојдов. Знаете јас малку безобразно сум ја напуштил оваа земја, ги измамив мајка ми и ги оставив моите мајстори, отидов нешто да научам и сега,  ако ме гледаат од горе, сакам да знаат дека дојдов да го пренесам своето знаење, да донесам нешто. Не дојдов за да правам име или пари, се вратив со добра намера, за да им го пренесам знаењето на студентите и да им дадам шанса на младите. Со тоа што го плаќаат студентите, плаќаме добри професори, оти ако нема добри професори не правиме ништо. Претходно, поточно, пред цели 13 години отворив училиште во Косово, а пред тоа, во 1995, 1996, 1997, создадов еден проект во Босна. Станува збор за проект кои вклучуваше жени кои биле силувани за време на војната, кои ние ги учевме да плетат. Програмата ја направивме со една извонредна жена, Полјакиња, госпоѓа Новак и една дизајнерка од Сараево, Амела Вилиќ. Бев таму ангажиран првите три години, а проектот го финансираше Европа, ОН, УНЕСКО и тој си функционира и ден денес и околу 70 жени работат за големите трикотажи во Италија и во Франција. Ме викнаа да направа нешто слично на Косово, но јас им реков дека е подобро таму да се направи школото. Првите 3-4 години бев присутен доста во Косово, а двајца мои асистенти од Франција живееја таму 4 години, сѐ додека не излезе првата генерација студенти кои потоа продолжија да го водат школото. Тоа е планот и за тука“, објаснува господин Цури.

На прашањето дали потоа планира да се повлече, вели: Немам намера да одмарам, цел живот сум хиперактивен, работам од 14 години и ако направам еден биланс, излегува дека за сите овие години работам по 15-16 часа на ден, па и на стари години сум ист таков. Без оглед дали е недела или празник, јас се чувствувам добро кога работам, прв доаѓам и последен си заминувам оттука. Дојдов со задача, барем две генерации да излезат додека сум јас тука.

Јас ако осетам дека никој не ме сака и дека никој нема потреба од мене, сигурен сум дека нема да можам повеќе да живеам.

Постоиме веќе четири години и можам да кажам дека сме успешни затоа што секој кој излегол од кај нас, веднаш почнал да работи.

Тоа е за мене огромна сатисфакција, а јас им посакувам на сите да живеат од тоа што ќе го направат со свои раце и своја идеја, бидејќи е тоа најголем успех во животот.

Македонија е мала земја, убава и богата и навистина не ми е јасно зошто луѓето не можат да живеат подобро. Ние тука ќе го направиме она што можеме, но немам волшебно стапче.

Нашето школо е можеби единствено на Балканот по начинот на кој ги формираме луѓето, ние формираме архитекти во нашата професија, тоа се оние кои ги прават шнитовите, шаблоните. Такво школо овде нема, а тоа е апсурд, бидејќи најголемата  индустрија кај нас секогаш била текстилната. А замислете, нема кадри. Тие што се формираат надвор не се враќаат тука.

Наскоро, нема да можат да најдат кадри, дури ни обични работници, ако не сменат нешто. А како ќе ги задржат ако немаат да јадат и да пијат и ако не се платени?“, прашува Цури.

Според него, сето ова може брзо да се среди, но за тоа треба повеќе да размислат тие што се платени за тоа, политичката гарнитура која е на власт, државата.

„Политичарите кои се на власт треба да размислуваат за ова, а не само за тоа дали некој ќе ги гласа на изборите и дали ќе бидат уште на власт. Имам впечаток дека кога некој од нив зборува за Македонија зборува како да е тоа лично негова сопственост. Не сфаќаат дека се само аргати, дека ние сме ги избрале за да работат за нас. Уште не го разбрале тоа! Ние ги плаќаме, а тие се однесуваат како газди. Не се газди, а ако не се добри работата можат да ја задржат само со сила или со измами, и тие се однесуваат токму на тој начин. Јас немам некоја идеја што да направат, само се чудам зошто граѓаните да не можат да живеат подобро. Знам само дека мене моите професори нема да ме напуштат зашто се најдобро платени професори кај нас. Тие се добри, им требаат на младите, а така треба да функционира и Македонија. Меѓутоа, кај нас сѐ функционира поинаку, со врски, со мито. Замислете, треба да платите некому за да добиете работно место! Мене тоа страшно ме изненади, тоа е срамота! Не може да функционира така, тоа е несериозна, лоповска работа, но мора еден ден да престане зашто тоа не може да го поднесе ни администрацијата, ни државата, а ни Господ. Не следам телевизија, весници но разговарам со луѓето, а дека е лоша ситуацијата се чувствува во воздухот. Пред 50 години беше поинаку, имав еден другар кој се вљуби во една девојка, но потоа се разделија затоа што тој сакаше да оди во Германија, а нејзините родители не ѝ дозволуваа. Денеска е сѐ обратно“, вели господин Цури.

На порталот „Арт кујна“ прочитајте го вториот дел од интервјуто со господин Изет Цури.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...