Над 96. 000 упати се издадени вчера преку системот „Мој термин“ и 4.500 итни и упати без термин, а лекарите препишале 86.000 рецепти. Најмногу упати имало кон ГОБ „8. Септември“ и општите болници во градовите, а од Радиологија реагирале дека многу пациентки биле упатени на ехо на дојка со итен упат. Ова го соопштија денеска надлежните од Мој термин, а по многубројните поплаки од лекарите и пациентите кои и денеска сѐ уште ги имаат дел од нив со упатувањето на специјалист, на снимање или во лабораторија.
Од „Мој термин“ појаснија дека повеќето проблеми кои вчера се појавија со издавањето упати, рецепти и боледувања се отклонети, а тие биле најчесто поради неусогласени софтверските решенија и заборавени лозинки од матични лекари.
– Повиците од пациентите и лекарите се однесуваа на технички проблеми од најразлични причини – со софверски прилагодувања на новите упати, а околу 10 отсто од пријавите беа и од матични лекари кои ја заборавиле лозинката, па не можеле да влезат во системот. Забуна внесе и тоа што на образецот од упатот веќе не стои матичниот број на пациентот, туку стои единствен здравствен број, а лекарот е доволно да го види бројот на упатот за да влезе во неговото електронско досие. Решен е и проблемот со лабораториските анализи, бидејќи едни анализи биле назначени во системот, а други биле испечатени на упатот. Или за трудниците беше пропуштен упатот за тест за дијабетес, а и тоа е решено – изјави денеска Жаклина Чагоровска, советничка во Управата на „Мој термин“, од каде најавија и контроли дали лекарите правилно ги издаваат итните упати, како и зошто вчера имало толку упатувања на Радиологија, над 400, а најчесто биле за ехо на дојка.
Итните и упатите без термин се два нови обрасци коишто почнаа од саботата да се применуваат, а новиот Правилник е донесен уште од август минатата година и дека имало и обуки за лекарите за новините.
На забелешката дека вчера и денеска пациентите имаат проблеми бидејќи не функционира замената на матичниот лекар, од Управата појаснија дека се работи и на отклонување на овој проблем, а потврдија дека имало и случаи на лабораториските упати да се назначени едни анализи, а други биле испечатени на упатот.
На телефонот (02) 15444 може да се пријавуваат забелешките и од пациентите и од лекарите кои се појавуваат во системот Мој термин.