Ги прочитав колумите на Александар Русјаков „Зошто Зоран Заев мора да добие Нобелова награда?, објавена во Нова Македонија од 22-23 декември и колумната на Нано Ружин „Зошто Заев и Ципрас треба да добијат Нобелова награда за мир“, објавена во Слободен печат од 24 декември, па се прашувам зошто за иста тема има две дијаметрално различни мислења.
Накратко ќе се потрудам да ги коментирам двете различни мислења и ставови за иста тема на двајца интелектуалци за да потврдам поради што за полно работи во Македонија имаме разномислие.
Ќе почнам со Александар Русјаков. Тој во својата колумна дава поширока увертира што не е поврзано со Нобеловата награда на Заев, изнесувајќи ги своите ставови пошироко за разни случувања. Спрема него судството било комплетно во служба на неговото величество СДСМ, учесниците во случувањата на 27 април ги нарекува уставобранители кои ќе настрадале, а немале никаква вина, освен љубов кон татковината (!) и овој дел го завршува, цитирам:
„Очекувам, откако ќе го укинат официјално македонскиот народ, изјаснувањето како Македонец да биде казниво со затвор“.
Понатаму, цитирам: „ Заев мора да ја добие наградата за безумноста да биде заокружена. Зошто Заев е последниот човек на планетата (без Марс, Јупитер, н.з.) што треба да ја добие наградата… Политичката слава ја доби, откако изгуби избори и не ги призна резултатите, почна да пушта незаконски прислушувани разговори… Во меѓувреме Заев лажеше дека нема да го менува името на државата. Се колнеше во деца дека нема да го отвара Уставот. Потпиша гаранција дека нема да воведе двојазичност, дека ќе ги чува националните интереси на Македонија. И претседателот му даде мандат. Конечно беше октроирана власт по волја на САД, ЕУ и на НАТО. Теророт врз Македонија почна веднаш. Се апсеа неистомисленици, уметници политичари и политички противници. За таа цел се создадени парлално судство, обвинителство… Започна последната фаза терор. Влегоа во игра обвинетите и притворени пратеници на опозицијата…Пратениците беа уценувани дека децата ќе им завршат во затвор… Се создаде Закон за амнестија преку кој на обвинети пратеници им се нуди слобода ако гласат за ликвидација на Македонија“.
Што се однесува за Спогодбата со Грција за името поради која Заев и Ципрас се предложени за Нобелова награда за мир, Русјаков пишува, цитирам:
„Потпишаа договор со Грција со кој се откажуваме од уставното име, македонскиот идентитет, а вториот дел од нашата историја им го припишуваме на Грците. Бесрамно лажеше дека со тие договори (се мисли и на Договорот со Бугарија, н.з.) се зачувуваат македонскиот идентитет и јазик“.
На крајот заклучува: „Ете зошто, Заев мора да добие Нобелова награда за мир. Затоа што тој е октроиран марионета“.
Наш коментар. Изнесените ставови и мислења на Русјаков, потполно се вклопуваат со политиката на опозициската партија ДПМНЕ, кои Мицкоски постојано ги вергла. Русјаков ништо свое не кажал, неговиот став, ако така може да се каже, е преземен од партијата ДПМНЕ. Несвојствено е за еден интелектуалец како него, да нема свое мислење и не е можно неговото мислење 100 отсто да се поклопува со тоа на партијата ДПМНЕ?! Да не отстапува ни за влакно! Како може еден интелектуалец учесниците во насилствата на 27 април да ги нарекува уставобранители, кога целата македонска јавност (цела планета како би рекол Русјаков) гледаше режиран филм како насилниците со и без качулки тепаа пратеници со намера да го убијат Заев, Села и други. Понатаму, откако претседателот му дал мандат, Русјаков преќутува за се’ што се случуваше во тоа време што сите го знаеме, била воспоставена октроирана власт и теророт врз Македонија веднаш почнал! Терор за Русјаков било апсење на насилниците од 27 април, обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок, или по наше кажано, за извршување на државен удар со цел Груевски и ДПМНЕ да останат на власт. Владата на Заев нема формирано паралелно судство и обвинителство, дури судиите се истите од „тефтерчето на Горде“, само сега судат по закон, во тоа е разликата во однос на „вашето време“!
Не се работи за неистомисленици со власта, се работи за луѓе кои направиле криминал и го прекршиле законот, тие мора да одговараат. Научете се на ред и закон, вашето време помина…
Како може еден интелектуалец така да мисли, криминалец и насилник да го прави патриот кој си ја сакал татковината и го бранел Уставот. Види богати! Уставот се бранел со убивање на пратеници од СДСМ и ДУИ! Подобро би било да ќути, затоа што пред фактите и боговите молчат! Само членови на ДПМНЕ и Русјаков кажуваат глупости и живи остануваат, за кои нормален човек во земја ќе пропадне од срам. На Фејсбук видов дека пријатели на Русјаков се Билјана Ванковска, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Владо Јовановски и други, па ми стана јасно какво друштво нему му одговара.
За Спогодбата со Грција поради која Заев и Ципрас се предлагат за Нобелова награда за мир, Русјаков кажува дека се откажуваме од македонскиот идентитет и јазик! Дали се откажуваме од македонскиот идентитет и јазик, јавно Ве прашувам г-дине Русјаков? Секој што знае да чита може да прочита дека во член 1 став 3 стои: а) дека официјалното име ќе биде „Република Северна Македонија“, б) дека државјанството ќе биде македонско / граѓанин на Република Северна Македонја и в) дека официјалниот јазик ќе биде „македонски јазик“.
Не знам што има тука не јасно, посебно за еден интелектуалец? Зошто Вие г-дине Русјаков ја извртувате вистината? Ова не треба да биде својствено за еден интелектуалец како Вас!
Да поминеме на другата колумна на иста тема од Нано Ружин. Во колумната е наведено мислењето на Генералниот секретар на ООН Гутереш и претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск кои сугерираат Договорот од Преспа да биде модел и пример за решавање на останатите конфликти.
Спрема изјавата на Ципрас, со Договорот од Преспа се решава еден долгогодишен дипломатски конфликт, кого националистите од двете земји сакаа да го срушат.
Нано Ружин во колумната кажува: „Зоран Заев и Алексис Ципрас кои се нарекуваат по име, решија да го елиминираат непријателството и ривалитетот кои имаат централна улога во секој дипломатски спор… На тој начин некогашната политика на „молење и ривалитет“ „старите облици на конфликти„ или „партизанска диопломатија“ од стилот на Груевски, Вучиќ и Харидинај ја изгубија својата релевантност.
Наш коментар. Немам коментар (No comment).