Извозот – стратешки приоритет на комората

Имајќи ги предвид постојаните промени на економските околности и бизнис-амбиентот, несомнено е дека Стопанската комора на Македонија е исправена пред нови предизвици и динамични процеси, кои неизбежно бараат стратешко позиционирање и трансформација во „Комора на иднината“ која ќе може соодветно да ги следи новите трендови и современите барања и потреби на компаниите.

386

Оваа недела имавме три работи кои се особено значајни за Стопанската комора на Македонија и за нашето членство, поврзани со стратешкото позиционирање и дејствување во наредниот период.

Првата е одбележувањето на 98-годишнината од работењето на Стопанската комора на Македонија, како бизнис-асоцијација која има најдолга традиција во коморското организирање и работење на овие простори. Имајќи го предвид фактот дека Комората своите активности ги фокусира кон креирање политики за помош на компаниите во насока на реиндустријализација и диверзификација на нивниот извозен потенцијал, настанот, во соработка со ОЕЦД, беше посветен токму на новите можности за трговска размена и различните пристапи за успешно привлекување инвестиции, промоција на извозот и економска интеграција на земјите од Западен Балкан. Огромниот интерес на нашите компании-членки за присуство на овој настан што се одржа на 19 февруари 2020 година, само ја потврди стратешката определба на Комората и понатаму да работи на поттикнување на извозот на производи од приоритетните индустрии на земјава, да ги следи и да ги анализира случувањата во надворешно-трговската размена на нашата земја и земјите од регионот и да придонесе за освојување нови пазари. Компаниите-членки покажаа дека Комората несомнено треба да се развива и понатаму како форум за заедничко дружење и вмрежување, размена на мислења и одржување на бизнис-релациите. Само така, со упорноста во нашите барања, истрајноста во визиите и со силата на членството, успешно ќе ја дочекаме и одбележиме и стогодишнината од коморското организирање и работење.

Втората е конституирањето на новиот состав на Собранието на Стопанската комора на Македонија како највисок орган, кој во мандатниот период 2020-2025 година ќе ги има топ-бизнисмените во земјава од сите дејности во стопанството, како и видни личности од областа на науката, кои со својата стручност, професионалност, знаење и искуство, верувам дека ќе придонесат во градењето конкурентна национална економија, поттикнување на извозните потенцијали на македонското стопанство на производи со повисока додадена вредност , како дел од претпоставките за подобар економски раст во наредниот период.

Последната, но не помалку значајна работа е што Собранието на Стопанската комора на Македонија повторно го избра Бранко Азески за претседател на Стопанската комора на Македонија за мандатниот период 2020-2025 година. Имајќи ги предвид постојаните промени на економските околности и бизнис-амбиентот, несомнено е дека Стопанската комора на Македонија е исправена пред нови предизвици и динамични процеси, кои неизбежно бараат стратешко позиционирање и трансформација во „Комора на иднината“ која ќе може соодветно да ги следи новите трендови и современите барања и потреби на компаниите. Со оглед на тоа, Комората навистина треба да биде раководена од лидер кој ќе може да ги преземе сите потребни активности со цел успешно да одговори на предизвиците на новото време, кои ги вклучуваат активностите за вмрежување и претставување на членките, но и други специфични активности што го прошируваат класичниот коморски ангажман и Комората ја ставаат во улога на консултант.

Тргнувајќи од фактот дека започнатите процеси и активности во таа насока, како што се интерното вмрежување на членките во рамки на Комората, вмрежување со релевантни домашни институции преку потпишување договори за соработка / стратешки партнерства, регионалното поврзување преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ), функционално поврзување со македонската бизнис дијаспора (стратешко поврзување со организацијата „Македонија 2025“, активно учество во подготовката на нови закони, регулативи, прописи, фокусираноста на Комората кон извозните активности на македонската економија, започнатите активности помеѓу бизнис-заедницата и носителите на економските политики во врска со преговарачкиот процес со ЕУ, започнатите големи проекти во соработка со меѓународната заедница, насочени кон подобрување на поодделни сегменти на економскиот амбиент во земјата, како и подготовките за одбележување на големиот јубилеј на Комората – 100-годишнината од коморското организирање и работење, се прашања кои претставуваат голем предизвик, но отвораат и голем спектар на нови активности на Комората во наредниот период. Сето тоа бара голем ангажман за Комората воопшто, но и огромна одговорност и ангажман и за претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Како личност со големи организациски и менаџерски способности и како одличен познавач на состојбите во земјава и на Балканот, верувам дека ќе продолжи со ентузијазмот за активно водење на тековните процеси на трансформација и градење на Комората на иднината, одржување на директните релации со бизнис-секторот и институциите на системот и во наредниот период, што ниту малку не е лесна и едноставна работа. Им честитам и им посакувам успешна работа на претседателот, на членовите на Собранието и на сите нас коморџии и компании-членки!

(Авторката е  главен советник на УО на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...