Големи нерегуларности во финансиското работење на поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевче Јакимовски, открива извештајот на Државниот завод на ревизија (ДЗР), кој се фокусира на ревизија на 2016 година, но обелоденува и крупни пропусти и проблеми од претходните години.
Извештаите веќе се јавно достапни и нивното внимателно исчитување открива зошто новиот градоначалник Стефан Богоев на прес-конференција најави дека конечниот извештај на ДЗР за работењето на општината во изминатите четири години е доставен до Основното јавно обвинителство и до Управата за финансиска полиција.
Јакимовски во „мираз“ остави само долгови
Покрај главниот долг од околу 18 милиони евра, кој потекнува од 2012, 2013, 2014 и 2015 година, Јакимовски на Богоев во „мираз“ му оставил и дополнителни долгови и потрошени големи суми пари за нотарски, адвокатски и трошоци за извршител, за процесни и парични постапки. Интересно е тоа што општински пари за адвокатски услуги во 2016 година се исплаќани и по приложени фактири за услуги во изминатите години, при што за дел не е обезбедена документација и соодветна потврда на потрошените средства. Така, само на едно адвокатско друштво му се исплатени 588.000 денари, по фактури од 2014, 2015 и две фактури од 2016 година.
Општината била и лош ДДВ обврзник, па од општинскиот буџет се плаќале и камати. Во голем број судски предмети, општината Карпош се јавува како тужена странка по основ на долг, надомест на штета и слично – само по оваа основа општината е заглавена со над 512 милиони денари.
Градоначалникот Богоев проговори и за кредит подигнат во 2014 година, тежок 160 милиони денари или 2,6 милиони евра, за тековни инфраструктурни проекти во Карпош, но ревизорскиот тим констатирал дека кредитот е потрошен ненаменски, односно средствата се искористени за плаќање заостанати обврски. Со таквиот чекор се прекршени повеќе закони. Веројатно станува збор за кредитот земен со хипотека на идната недоизградена административна зграда, за кој се говори во извештајот. Со овој потег е воспоставено заложното право без обезбедена согласност од Министерството за транспорт и врски и од Државното правобранителство, што само по себе е кршење на законот.
Пропустите при изградбата на новата општинска зграда и на сегашните општински бараки се посебна приказна, во која нема што нема – од незаконското носење одлуки за нивната изградба, до ненаменско и неоправдано трошење на буџетски средства. Извештајот детално ги опишува овие проблеми. Па така, во извештајот на ДЗР се вели дека изградбата на административната зграда е започната во 2011 година и е во тек, а се врши со изменет проект и без одобрение на Советот на општината, како и без изменето одобрение за градба. Спроведени се голем број постапки за јавни набавки за кои се обезбедуваат средства на годишно ниво од несоодветна програма.
За рекреација и за естрада – не се штедело
Градоначалникот Јакимовски не штедел кога е во прашање рекреацијата на вработените – за таа намена само во 2016 година се потрошени 639.000 денари. Задолжената општина нашла пари и за медиумски закуп, за монтажа и демонтажа на урбана опрема за организирање манифестации, за концерти на естрадни уметници од земјата и од странство по повод прославата на годишнината на општина Карпош (1,13 милиони денари во 2016 година) и слично. Одоберени се средства на спортски клубови, а возвратно се доставени и извештаи без финансиски податоци и пропратна документација како потврда на потрошените средства.
Приказна за себе е финансирањето на кошаркарскиот клуб Карпош соколи АД Скопје, за кој се исплатени пари во износ од 38 милиони денари, за кои клубот нема дадено детални податоци за начинот на кој се потрошени општинските пари. При презентацијата на извештајот, Богоев нагласи дека од 2015 година општината се јавува како основач на овој кошаркарски клуб и истовремено доделува финансиска поддршка на акционерското друштво, а со тоа при исплата на средства (трансфери до спортски клубови), не склучувала договори во писмена форма со примателот на донацијата и спонзорството и не се подготвувани извештаи за начинот на кој е трошена дадената донација-спонзорство, со што се повредени повеќе закони.
Преземени се активности за реконструкција на фасадите на одделни станбени згради и замена на стари со нови покриви и лифтови, почнувајќи од 2012 година, за што се потрошени значителни средства од несоодветна буцетска програма. Спроведени се неколку одделни постапки за јавна набавка со различен предмет на набавката за една иста улица. За улицата Јуриј Гагарин, на пример, спроведени се 14 постапки, за Миле Поп Јорданов 7 постапки, за улица Вич 3 постапки и слично. Потоа се вршело делење на договорите за јавна набавка на повеќе договори со пониска вредност, што не е во согласност со Законот за јавни набавки.
Во текот на 2016 година се примани аванси од физички и правни лица, евидентирани како приход без веродостојни сметководствени документи.
Во ревизијата на сметката на основниот буџет за 2016 година, Државниот завод за ревизија констатира дека во општината не е воспоставен систем на внатрешни политики за ревизија согласно законските прописи, не е извршено усогласување на буџетските приходи и расходи со планираните (има нереално зголемување на максималниот износ на планираните расходи) и не е извршен целосен и квалитетен попис на побарувањата и обврските.
Деталниот извештај на ДЗР за нерегуларностите можете да го прочитате на овој линк.