Извезуваме јаболка и праски, но не успеваме да ги пронајдеме компаративните предности на производи кои се бараат во светот и таму да го ориентираме производството и извозот на земјодлеската прехранбена дејност. Даваме субвенции, но без критериуми за квалитет и добри производни практики. Сето ова влијае земјодлеското производство да не успева да ги покрие потребите на домашните капацитети, а уште помалку да извезува производи со додадена вредност.
Ова денеска на прес-конференција го презентираше Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија од Стопанската комора.
Главна причина за ваквата состојба, како што рече претседателот на Здружението, Ѓорѓи Петрушев, е тоа што земјава со години не успева да го имплементира она што го планира.
– Во земјодлеството немаме приоритети. Сѐ или ништо не ни е приоритет. И ако изградиме неколку приоритети ние не се фокусираме на нив, туку се расплинуваме потоа и повторно ништо не е доволно поддржано и ништо нема доволен развој – вели Петрушев.
Излезот од ваквата состојба, според него, е во одбирање приоритети на кои ќе се фокусираме и ќе ги градиме.
– Прво да ги реструктуираме субвенциите. Да се бара продуктивност на земјоделието и да се стимулира и наградува квалитетот. Во моментов е примарно да ги задржиме сегашните земјоделци и да им помогнеме да произведуваат квалитетно, а потоа да размислуваме за нови – вели Петрушев.
Професорот Дарко Лазаров, од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, пак, смета дека се потребни институционални, инфраструктурни и транспортни мерки кои можат да му помогнат на земјоделскиот прехранбен сектор да извезува.
– Имаме компании кои од извоз заработуваат еден два или три милиони евра и тие не можат да инвестираат во тимови кои во странство ќе бараат пазари за нив и да ги информираат за потребите од одделни производи. Затоа државата треба да развива систем на промотори. Треба да видиме што бара светот, па да понудиме она што можеме. Тоа е цела логистика која треба да биде во служба на производните капацитети. Треба да се развие и финансиска поддршка на прехранбени производи кои ќе можат да извезуваат во светот – вели Лазаров.
Анализата која е направена од тим на Универзитетот покажала дека во светот се бара бебешка и детска храна, органско производство, здрава храна…
– Имаме извоз на праски и јаболка што е примарно производство, а не извезуваме храна за бебиња и за деца. Кашичките се многу барани во светот. Соседството го увиде тоа и веќе работи на развој на ваква прехранбена индустрија. Во светот се бараат 20 до 30 производи од конзервната и пекарската индустрија, производи од мед, овошје… Сето тоа е компаративна предност за македонската прехранбена индустрија која треба да се преструктуира според потребите на пазарот – вели Лазаров.
Моментално, вели тој, 323 компании од прехранбената индустрија во земјодлеството извезуваат 50 производи со компаративна предност, а во прехранбената индустрија 40 производи, што значи има простор за зголемување на бројот на извозни производи.
Вкупен извоз на земјоделството лани бил 210 милиони евра 35 примарни производи од животинско и 175 милиони евра овошје и зеленчук. Прехранбената индустрија извезла производи во вредност од 410 милиони евра. Од нив 145 милиони евра се од тутун и производи од тутун, 75 од алкохол, главно вино, 191 милион евра останати производи од прехранбената, месната и пекарска индустрија.