Во Собранието денеска се очекува на дневен ред да бидат ставени измените на Изборниот законик, по скратена постапка, кои се однесуваат на избор на членови на ДИК, но и изборот на нов гувернер на Народната банка на Македонија (НБРМ).
На оваа седница има и други значајни точки, како предлог одлуката за јавен оглас за избор на директор на Оперативно-техничката агенција, извештајот за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), предлог на одлука за продолжување на кризната состојба на јужната и северната граница до крајот на годината.
На дневен ред е и Предлог-законот за акцизите на опозицијата, како и годишните извештаи за работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2017 година и на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекциот надзор и прекршочната постапка за 2017 година.
Пратениците ќе расправаат и за Предлогот за избор на претседател и комисионери (членови) на Комисијата за хартии од вредност, Предлог на закон за ратификација на Договорот за воена финансиска соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција, како и за Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за оружјето.
Во второ читање на дневен ред се и предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронско управување, Дополнет предлог на закон за изменување на Законот за заштита на природата – и Дополнет предлог на закон за изменување на Законот за животната средина.