За предвремените парламентарни избори закажани на 12 април годинава од државната каса ќе бидат потрошени 9 милиони и 323 илјади евра. Оваа сума Државната изборна комисија (ДИК) ја соопшти на денешната седница.
Како што истакнаа оттаму, парите ќе бидат потрошени за изборните активности – печатење избирачки ливчиња за општинските изборни комисии, за избирачките одбори, за дијаспората, подготовка на материјалите, медиумска кампања.
ДИК на денешната седница го утврди и целокупниот финансиски план за распределба на средствата за 2020 година. И тоа за редовното работење на Комисијата, односно „Планот 20“ и потпрограма „21 за изборни активности“, или вкупно 10.550.130 евра, од кои 1.227.128 за редовното работење и за изборите 9.323.000 евра.
ДИК, финансискиот план до Министерството за финансии треба да го достави до 10 јануари.