Избирачите поддржуваат ширење на омраза и страв

290

Не случајно е речено, како мудро промислување, дека политичарите и партиите не треба да го преценуваат знаењето на избирачите, но уште помалку треба да ја потценуваат нивната интелигенција. Дел од вистината секако лежи во таквото тврдење, особено кога станува збор за казната што избирачите им ја испорачуваат на политичарите на изборите.

Но реалноста поврзана со постизборни искуства често покажува дека во суштина се работи за мошне комплексна проблематика. Преку меѓународни истражувања се доаѓа до поконкретни сознанија и сфаќања кои општествени модели генерираат благосостојба и обезбедуваат просперитет, имајќи предвид дека е постигнат и значаен напредок во настојувањата како поефикасно да се дефинира и мери општествената благосостојба.

Но сепак, во една не толку широка рамка на анализа се покажува недвосимслено дека во голем број земји расте поддршката за политичари кои, наместо заложби за стабилност и сигурност, шират омраза, страв и конспиративни теории.

Во контекстот на објективните критериуми, како мерна единица што сè почесто се користи е на каков начин луѓето сфаќаат дека може да се има доверба во мнозинството во нивното општество. Таквата мерна единица на социјална доверба би можела да се толкува како вреднување што го прават луѓето во однос на генралното морално ниво во општеството во кое живеат.

Освен тоа, меѓународните истражувачки пројекти се движат на линија на широка согласност околу фактите за тоа кои испробани емпириски искуства од разни општествени модели најмногу поттикнуваат економски раст и шират човечка благосостојба. Тоа не е комунизмот, фашизмот, национализмот, конзервативизмот или популизмот, а ниту пак ни конкурентскиот капитализам од неолиберален модел.

Наместо тоа, иако за идеален модел тешко може да се зборува, се наметнуваат позитивните искуства од развојните постигнувања на западноевропските, посебно скандинавските општетства, при што станува збор за комбинација на либерална демократија, добро регулирана пазарна економија во полза на конзументите и заштитата на животна средина, како и еден неполитизиран, главно некорумпиран и компетентен административен апарат, заедно со развиена социјална политика.

САД имаат несомнено најголема, најуспешна и најпочитувана администрација составена од економисти, социолози и политиколози во светски рамки. Но за каков резултат може да се зборува едновремено? За Трамп-администрацијата која се темели на лаги, економски манипулации, расистички ставови и демонизирање на политичките противници.

Моментно состојбите на општествено-политички план во светот покажуваат дека не само земји како Кина, Египет, Саудсика Арабија и Русија станале поавторитарни, туку и дека во низа демократии сега се согледуваат јасни анти-либерални и анти-демократски тендеции. Во таа смисла може да се зборува и за левичарски и за десничарско-популистички движења и партии кои постигнале големи успеси и во одредени случаии се и носители на власта. Како неколку примери може да се наведат Мексико, Турција, Индија, Италија, Унгарија, Полска, Бразил и САД.

И токму во такви рамки меѓународни истражувања покажуваат дека избирачите во многу случаи не ги „наградуваат“ партиите и политичарите кои покажале добра способност и компетенција да ги искористат и да управуваат со ресурсите што ја зголемуваат општествената благосостојба. Токму напротив, се чини дека расте и се зајакнува поддршката за политичарите кои поттикнуваат ширење на омраза, страв и несигурност, и кои се залагаат за пласирање на конспиративни теории во јавноста.

Прашањето кое посебно добива во тежина е зошто луѓето не го даваат својот глас на изборите за онаа политика која со голема веројатност води кон подобар економски развој во оштеството, туку глассат за политичари кои се поврзуваат со корупција и политизирано судство, и кои се обидуваат да ја ограничат слободата на медиумите.

Во голем број земји исто така може да се види дека поддршката за демократско општествено уредување се намалува меѓу младите луѓе. Се разбира, постојат низа причини и фактори за да се посочи дека многумина избирачи се необразувани, кратковиди и неинформирани, но во исто време се констатира и дека нивото на образование во повеќето демократски земји всушност е во постојан пораст.

За актуелниот развој во Македонија веројатно само делумно може да се бара објаснување според карактеристиките на вака поставените доминантни тенденции. Искривените и заматени идеолошки разлики и поделби ја туркаат предизборната кампања во заострување на поларизацијата во која атмосферата на конфликти ја одредва вредноста на избирачкиот глас. Притоа не само низ негативната спирала на продлабочување на омразата, туку и преку досега можеби невидената изборна апстинеција која може да биде и најголема казна за популизамот, празните зборови, нереалните ветувања и – купот лицемерие.

Во тажната македонска реалност равенката за преценување или потценување на интелегинцијата на избирачите веќе од поодамна содржи неутврден број непознати.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...