Никола Војминовски кој од сите првостепено осудени доби највисока затворска казна од 13 години и 6 месеци за обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април 2017 во Собранието, не бил пронајден дома по рутинска контрола на полицијата.
Информацијата ја потврдија од Кривичниот суд наведувајќи дека по него е распишана и меѓународна потерница. Тој се наоѓаше во куќен притвор до правосилност на пресудата.
– Надлежната полициска станица која врши надзор над спроведувањето на мерката куќен притвор, го извести судот дека обвинетиот не се придружувал до определената мерка. По добиеното известување, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе решение со кое на обвинетиот му се определува мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, а воедно издадена е и наредба за распишување интерна и меѓународна потерница – наведуваат од судот.
Куќниот притвор на Војминовски му беше определен уште пред да се донесе пресудата, а откако истата се донесе обвинителот Дарко Јакимовски побара куќниот притвор да му се продолжи додека пресудата не стане правосилна. Судот ја донесе пресудата на 5 јули 2018 година и за таа да стане правосилна Апелацискиот суд во Скопје треба да се произнесе за жалбите на одбраната. Оттаму и по шест месеци сѐ уште нема одлука.
Покрај Војминовски на затворски казни во овој случај беа осудени уште шест лица: 13 години добија Александар Јаневски Тошта и Кире Георгиевски; 10 години и 6 месеци затвор добија Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Андреј Мицов и Коста Делов.
За обидот за убиство на Зијадин Села првично беа обвинети уште три лица, но пред крајот на судскиот процес за еден од тогаш обвинетите – Сашо Сенков, обвинителот го повлече обвинението посочувајќи дека нема доволно докази да го товари за тоа дело.
За двајца, Стојан Павлески и Цео Горгиевски, пак, тој направи преквалификација од обид за убиство во насилство, по што судот ја раздвои постапката за нив. По преквалификацијата, двајцата признаа вина, а судечкиот совет ги осуди на затворски казни од една година и два месеци по Цео Горгиевски и три години по Стојан Павлески.
Инаку, сега избеганиот Војминовски беше еден од сведоците на обвинителството во најобемниот случај за 27 април за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Тој во сведочењето кажа дека на „крвавиот четврток“ добил порака од пратеникот Љубен Арнаудов, како и дека го видел Арнаудов како разговара со поранешниот министер за еден ден во МВР Оливер Андонов во којшто разговор било кажано дека единствено решение е да се отворат вратите и толпата да влезе внатре, а потоа претседателот да прогласи вонредна состојба.
Целото негово сведочење можете да го прочитате ТУКА.