На свеченоста по повод 25. издание на Сараевскиот филмски фестивал, на француската глумица Изабел Ипер синоќа ѝ беше доделено признание „Почесното срце на Сараево” за исклучителен придонес во филмската уметност.
Најпознати нејзини улоги се оние во филмовите „Пијанистка”, „Бело робје”, „Таа”, „ Грета” и многу други. Славната актерка изјави дека е почестена и горда на наградата.
– Сараево е центар на Европа, а на Европа, посебно во последно време ѝ треба многу грижа. За мене е огромна чест да бидам овде, оти Сараево е отелотворување на замислата на космополитизмот – нагласи Ипер.
Изабел Ипер е легендарна филмска и театарска глумица. Во својата петдецениска кариера, таа соработувала со мноштво славни режисери, како Мишел Ханеке, Клод Шаброл, Жан-Лук Годард, Ото Премингер, Бертран Таверние, Бертран Блие, Клар Денис, Пoл Верхоевен…
Публиката ден претходно имаше прилика да ја погледне и во филмот „Френки” на американскиот режисер Ајра Сакс, каде што Ипер ја има главната улога.