Идните членки на ЕУ губат трпение

683

Србија: 10 години, Црна Гора: 11 години, Македонија: 14 години.

Толку долго западнобалканските држави се заглавени во различни фази од интеграцијата кон Европската Унија, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, кои се уште поназад во процесот.

Додека ЕУ се подготвува за еден од најважните избори во својата историја подоцна овој месец, незадоволството на земјите на листата за пристап во ЕУ овозможува да се разберат предизвиците со кои се соочува Унијата сега, но и во иднина.

ЕУ е основана во 1993 година со 12 земји од Западна Европа. Оттогаш бавно се проширува – на 28 членки, со последната земја членка Хрватска, која се приклучи во 2013 година. Осум земји, главно во регионот на Западен Балкан, се на листа на чекање за пристапување кон Унијата, а нивниот влез зависи од долг процес, кој вклучува усогласување на нивните национални закони со политиката на ЕУ и добивање поддршка од земјите членки на ЕУ, Европската комисија, Советот на Европската Унија и Европскиот парламент.

Тоа, исто така, значи демонстрирање напредок во решавањето на домашните прашања и етничките тензии, кои го задржаа регионот во состојба на релативна економска слабост. Но, земјите кандидати се жалат дека процесот е премногу бавен, а условите за влез се премногу строги. Во меѓувреме, расположението против ЕУ е во пораст, а земјите како Кина, Турција и Русија влегоа во рингот.

Во изминатите две години, ЕУ се отвори кон можноста за прифаќање нови членки од Западен Балкан. Кога ЕУ ја објави својата стратегија во 2018 година за регионот, таа вклучуваше амбициозна цел да додаде најмалку две членки од Балканот, најверојатно Србија и Црна Гора до 2025 година. Проектот за „проширување на ЕУ“ не е корисен само за потенцијалните земји членки. Лидерите на ЕУ веруваат дека тоа ќе им овозможи да извезуваат стабилност, демократија и економски развој на своите соседи; да стекнат контрола над стратешката географска област; да ги спречат земјите како Русија и Кина да стекнат силно влијание во Европа и да им даде уште поголема моќ на глобалната сцена.

Но, земјите од Западен Балкан се чини дека го губат трпението за процесот. Анкетите за јавното мислење покажуваат дека 26 отсто од анкетираните луѓе во регионот не веруваат дека нивните земји некогаш ќе влезат во ЕУ. Некои опозициски политичари во Србија сугерираа дека нивната земја треба да ја повлече својата апликација за пристап. И на неодамнешниот Берлински самит, косовскиот претседател Хашим Тачи побара САД да бидат повеќе вклучени во преговорите за решавање на проблемот меѓу Косово и Србија, изјавувајќи: „Без САД, ние никогаш нема да можеме да имаме дијалог, преговори или каков било договор… бидејќи ЕУ не е обединета во овој процес.“

Оваа фрустрација веројатно ќе се влоши ако ЕУ не почне формални процедури за пристапување на Македонија и Албанија во јуни – нешто во што е уверен европскиот комесар за проширување. Одлуката беше одложена минатиот јуни, кога некои земји членки на ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Холандија, сметаа дека земјите не сториле доволно за подобрување на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал.

Во меѓувреме, други земји го засилија своето присуство во регионот. Кина го смета за стратешки начин за да стигне до Централна Европа и пошироко со нејзината „Иницијатива еден појас, еден пат“. Секоја година земјата одржува бизнис-самит „16 + 1“ со централни и источноевропски држави, вклучувајќи ги Албанија, Србија и Босна и БиХ. Кинеската корпорација за патишта и мостови (ЦРБЦ) гради патишта, мостови, компанија за гуми и индустриски парк во Србија; како и контроверзен автопат што ќе ја поврзува земјата со јадранскиот брег на Црна Гора.

– Нема да биде нескромно или погрешно да кажеме дека главен партнер на Србија во Европа е Кина – изјави неодамна српската министерка за градежништво Зорана Михајловиќ.

Израел и Обединетите Арапски Емирати, исто така, ги засилија своите инвестиции во проекти од инфраструктурата и недвижностите во Западен Балкан, заедно со Турција, која не е „странец“ на листата за пристап во ЕУ. Таа уште во 2004 година ја почна процедурата за пристапување во ЕУ, но членството е запрено до тој степен што Европскиот парламент неодамна усвои необврзувачка резолуција, барајќи од ЕУ да ги прекине преговорите.

Во меѓувреме, руските комерцијални инвестиции за некои експерти претставуваат сигнал дека Москва посакува „да создаде балканска политичка и економска зависност”, напишаа Пол Стронски и Ени Химс од Фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“. Русија се противи на пристапувањето на Балканот во ЕУ и кандидатурата на Македонија за влез во НАТО.

Стравот дека овие земји се обидуваат да го ослабат европското влијание во регионот и, во случајот со Русија, да ги влоши етничките тензии, може да предизвикаат Франција и Германија да повикаат на балкански самит, за кој толку многу се зборуваше во Берлин на 29 април. Но, ако нивната цел е да ги убедат аспирантките дека ЕУ сè уште сака да ги донесе во семјеството, се чини дека не успеаја. Косовскиот претседател Тачи по самитот изјави за „Фајненшл тајмс“: Не само јас, туку сите ние од регионот бевме разочарани од состанокот во Берлин. Немаше ништо конкретно, само празни говори.“

Да бидеме фер, ЕУ се обидува да реши различни нерешливи пречки. Осум нерешени гранични спорови сè уште се проблем за балканските земји, кои се формираа по распадот на поранешна Југославија. Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел се надеваат дека ќе го решат тековниот спор меѓу Косово и Србија, за кој официјалните претставници на ЕУ велат дека го кочи целиот регион. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, потег што Србија сè уште не го признава. Како одговор на Србија што ја блокираше нејзината кандидатура за членство во Интерпол, Косово неодамна воведе такси од 100 отсто за српските производи. На самитот во Берлин немаше напредок, иако уште еден состанок со двете земји е планиран за јули.

Исто така, неодамна имаше протести во врска со наводна корупција, државни скандали и авторитарност на владите во Албанија, Србија и во Црна Гора. И лидерите на ЕУ самите не се согласуваат околу тоа дали Балканот е подготвен да пристапи во Унијата. Некои се загрижени дека разговорите за проширување ќе ја поттикнат растечката моќ на евроскептиците на претстојните европски избори.

– Тие не сакаат да преземат никакаков политички ризик и не сакаат да додаваат масло во огнот – вели Џонатан Кац, висок соработник во германскиот Маршалов фонд на САД.

Државите од Западен Балкан може да гледаат на други земји како „кочничари и со нив го оправдуваат забавувањето на процесот на пристапување во ЕУ“, вели Вук Вуксановиќ, докторанд на лондонската школа за економија и поранешен аташе за безбедносната политика во српското Министерство за надворешни работи. Но, Вуксановиќ верува дека членството во ЕУ останува „единствената опција што во однос на стратегијата има смисла“. ЕУ е далеку најголемиот трговски партнер на регионот. И Европската банка за обнова и развој минатиот месец објави дека годинава ќе инвестира 1,1 милијарда евра во Западен Балкан.

Европските лидери велат дека членството е бавен, но вреден процес, кој на крајот ќе донесе поголем просперитет и мир во регион – кој сега има многу малку од двете. Земјите од Западен Балкан би можеле да се согласат да се држат до тоа ветување – но не е јасно колку долго, а кој во меѓувреме ќе го зајакне присуството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...