Идните пензионери треба да достават и воена книшка од ЈНА

Од праксата, Фондот на пензиско и инвалидско осигурување немал проблеми при прибирање на овој податок, бидејќи подрачните одделенија на Министерството за одбрана располагаат со податоци од поранешната ЈНА

4922

Еден од документите кои се неопходни при остварување на правото на пензија кај мажите е и воената книшка. Многумина и не знаат дека таа се бара, па се изненадени кога ќе слушнат дека треба да го достават и овој документ при поднесување барање за пензија. Особено се затекнати оние кои ја загубиле или не знаат каде им е воената книшка.

Од Фондот на пензиското и инвалидско осигурување информираат:

– На мажите при поднесување барање за пензија како доказ за служење на воен рок им се бара воена книшка. Времето поминато на отслужување на воен рок не влегува во стаж на осигурување согласно закон, бидејќи во тој период за осигурениците не се плаќал придонес за пензиско и инвалидско осигурување. Исто така, во тие периоди осигурениците се одјавуваат од осигурување, а по нивното отслужување работодавачот ги пријавува повторно во осигурување.

Оттаму нагласуваат дека нема проблем ниту за оние кои ја изгубиле или не можат да ја најдат книшката.

– Доколку подносителот на барањето не поседува воена книшка, Подрачното одделение на Министерството за одбрана во градот или општината каде живее подносителот издава Уверение во кој период е отслужен воениот рок. Од праксата  ФПИОСМ немал проблеми при прибирање на овој податок, бидејќи подрачните одделенија на Министерството за одбрана располагаат со податоци од поранешната ЈНА – одговараат од Фондот и појаснуваат дека потребата од овој документ е за да не дојде до преклопување на стажот на осигурување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...