„Иднината на Србија“ на Вучиќ ги затвори централните белградски улици

193
ФОТО: EPA / KOCA SULEJMANOVIC

Во Белград денеска со почеток во 18 часот ќе се одржи завршниот митинг на српскиот претседател Александар Вучиќ во рамки на неговата кампања „Иднината на Србија“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, покрај Вучиќ, на митингот ќе говорат и претседавачот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто. Најавено е и обраќањето на пензионираниот потполковник Драгутин Димчевски, кој е преставен како „херој од борбите на Кошаре“ во 1999 година на Косово.

Како што е најавено, Вучиќ ќе ги повика граѓаните од цела Србија да се обединат околу сите важни прашања за државата и народот, бидејќи „единството борбата за српските интереси, особено во Косово и во целиот регион, е од суштинска важност“.

Владејачката Српска напредна партија (СНС) очекува пред српското Собрание, каде ќе се одржи митингот, да се соберат над 100.000 граѓани од цела Србија.

Медиумите пренесуваат дека централните белградски улици од синоќа се затворени за сообраќај, а поради бројните возила и автобуси граѓаните се замолени да бидат во Белград до 14 часот.

Низ целиот град ќе бидат поставени видео бимови кои директно ќе го пренесуваат настанот.

Како што е најавено, до почетокот на официјалниот дел од собирот, од 16 часот ќе настапуваат Аца Лукас, „Рибља Чорба“ и Оливер Мандиќ.

За утре во Белград е најавен и митинг на опозицијата и тоа на истото место и во истото време.

ФОТО: EPA / KOCA SULEJMANOVIC

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...