Украинските истражители го идентификувале Украинецот на кој наводно руските безбедносни служби му платиле 40.000 долари за да организира и изврши убиство на рускиот новинар Аркадиј Бабченко, изјавил денеска шефот на украинската безбедносна служба Василиј Грицак.
Бабченко, за кого се тврдеше дека синоќа е убиен во Киев, денеска се појави жив и здрав на прес конференција во Украина и се извини на пријателите и посебно на сопругата поради исценираното убиство, пренесува агенцијата АП.
Грицак на новинарите им изјавил дека убиството било исценирано за да се разоткријат руските агенти и да се спречат нивните намери.
Светските медиуми, повикувајќи се на украинската полиција јавија дека Бабченко е убиен во вторникот навечер пред својата куќа и дека починал на пат во болница.