Би кажал неколку збора за идентитетот, присутен во политичкиот дискурс деновиве, а поврзан со потпишаниот Договор во Преспа. Да појдам од тоа дека се работи за меѓународен договор потпишан од официјални претставници на две суверени држави, членки на ОН, при што согласноста за стипулираното во него е верификувано од специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН, а дека очекуваното официјализирање на ратификацијата на Договорот во двете највисоки претставнички тела, произведува нова Резолуција на ОН и ги менува претходно донесените Резолуции на ОН од 1993 година.
И еве, без засега да навлегувам во политичката конотација за потпишувањето на Договорот, доаѓам до темата: Зошто нема експлицитно споменување на македонскиот идентитет во овој Договор, туку има само верификување на идентитетот на Македонците?
Суштината е едноставна: Идентитетот, теоретски, од меѓународно-правен аспект ниту се третира, ниту може нормативно да се третира! Ова затоа што единката, групата и народот – во спектар, лепеза на состојби и интереси, оформува различни идентитети: државни, етнички/национални, месни/географски, професионални, партиски, социјални, сѐ до оние со позитивна или негативна конотација, од морален аспект. За жал, во праксата, поради конкретни интереси, позитивното, обединувачко јадро на идентитетот – добива негативни конотации на затворање кон другиот со различни идентитетски интереси. Особено кога се работи за етничкиот/националниот идентитет, кој „масовно“ се користи во политичкиот дискурс.
На сите ни е познато и достапно, дека сите ние имаме повеќе различни идентитети, меѓу кои е и етничкиот, нашиот личен однос кон најблиските во семејството, во групата, во општеството со кои го делиме секојдневието, живееме… Во нашиот балкански третман на етничкиот идентитет, не треба да се занемарат запаливите националистички приоди, кои во неговиот дневен третман често се надополнети со социо-патолошки изливи, кои доведуваа и до ужасни трагедии.
Теоријата на политиката, во третманот на меѓународната политика, како умешност за постигнување на одредена цел во дадените меѓународни состојби, а со избегнување на конфронтации кои ја оддалечуваат од целта, подразбира и барање модификации во она што претставува меѓународна норма, а стриктно е неприменлива во дадените услови. Да, не постои меѓународно-правна норма за планетарно дефинирање на етничкиот идентитет. Дури и најдлабоко навлезените теоретичари кои се занимавале со идентитетите, со еднаквоста, сличноста, истоветноста на чувствата, традициите, културно-психолошките карактеристики на единката, групата и народот, избегнувале да вградуваат формулации и да предлагаат нормативно дефинирање на етничкиот идентитет. Затоа, во праксата на меѓународните односи, во дипломатската историја не се прави осврт на идентитетот на една од преговарачките или инволвираните страни, токму поради флуидноста на социо-психолошкиот и културолошкиот карактер на сепаратните интереси за идентитетските определби на секој припадник на страните вклучени во тие односи. Тој како припадник на инволвираната страна во меѓународните односи, таа личност, а не и неговиот официјален претставник, единствено може и е овластен да го искажува својот емотивен однос кон надворешната средина, односно со кого таа личност има интерес да се идентификува, поистоветува, да се смета за идентична, од што во случајов на етничкиот идентитет, таа прифаќа да има исти обичаи, историски наследства, културна и јазична, комуникативна база и т.н. Кога се работи, пак, за другите идентитети, професионалниот, локалниот, партискиот, социјалниот, државниот – истоветноста на интересите на поединецот со другите со кои се идентификува произлегуваат од други интереси, егзистенцијални, развојни, безбедносни, политички и т.н.
Па да се вратам на Договорот од Преспа, од дипломатска конотација. Таму, во делот на државјанството (citizenship) се споменува терминот „nationality“. (Исклучително е потребно одговорно треба да се приоѓа кон преводот на текстот на Договорот од Преспа на двата јазика на договорните страни.) На Запад (во теоријата и во политичката пракса) терминот „nationality“ директно се поврзува со припадноста кон државата, а произлегува од државно-правната традиција дека луѓето-граѓаните кои живеат во една држава се нејзини поданици, имаат, влечат, се поистоветуваат со државниот идентитет, согласно името на државата.
Значи, според мене, со овој приод кон формулацијата за државјанството во Договорот, преговарачите да се обиделе, на англиски, да го избегнат политичкиот приод за историски втемелениот однос во Грција за месната/географската самодефиниција на Македонците, од една страна, а од друга страна, фонетски, да ја задоволат етнички втемелената самодефиниција на Македонците поврзана со терминот националност. Доколку, експлицитно во Договорот од Преспа се дефинираше етничкиот идентитет на било која од двете страни, ќе претставуваше уште еден нов придонес во парадоксите на геополитичката игра со малите земји и нивните дипломатии на најзначајните светски фактори, како впрочем и при уникатниот, од меѓународно-правен аспект, приемот на РМ во ОН.
Да се разбереме, условите за нашиот прием во ОН во 1993 и овие за прием во НАТО и отпочнување преговори за членство во ЕУ во 2018, се такви – кога реалната политика на оваа мала земја, идеално се вклопува во моментите на распоредот на силите на меѓународната политичка сцена, а пред сѐ, и на интересите на западните доминантни одлучувачки фактори. Ние, граѓаните на РМ плебисцитарно бараме да бидеме дел од евро-атлантските интеграции, а вакви како што во овој момент сме, тие сметаат дека би можеле да бидеме рамноправни со нив. А таа меѓународна сцена, добро знаат оние кои постудиозно ја проучуваат, е непредвидлива, со секавични промени, со испреплетени интереси, каде временскиот и лидерскиот фактор играат најзначајна улога за издејствување на промените…
И на крајот ќе заклучам, без да се прашувам дали имавме среќа, во овие клучни моменти, меѓународната сцена да е погодна за промени, па би рекол и храбри пресврти во нашето соседство во однос на Македонија, валоризирајќи дека оваа генерација граѓани на Република Македонија веќе имаат стекнато доволно историско искуство и знаење да се прилагодат на меѓународните трендови за да опстојат на својата етно-културна матрица, неа да ја надополнат со цивилизациски, демократски, хумани вредности за внатрешен и надворешен баланс на сили, интереси, и визии за отворање на нови перспективи за себе и за регионот на Македонија.
(Дискусија на Научната конфернција во МАНУ одржана на 11.09.2018)