Игуменот на Бигорскиот манастир ја доби наградата „Европски граѓанин“

802

На игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, денеска му беше дадена наградата „Европски граѓанин“ во Народното собрание на Бугарија.

На церемонијата присуствуваа претседателот на бугарскиот Парламент Цвета Карајанчева, европратеникот Андреј Ковачев, политичари, пратеници и јавни личности.

Архимандрит Партениј нагласи дека категорично го поддржува Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Бугарија и Македонија.

– Остануваме цврсто зад постигнатиот Договор за добрососедски односи, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија што е напишан со крвта на нашите претци и за радост на нивните души. Спроведувањето на тој Договор треба да биде во духот на почитувањето на взаемните особености, и не треба да биде причина за непотребни раздори и заладување на односите. Сѐ што причинува оттуѓување, одбивен предизвик или омраза тоа не е Евангелско дело, и нема да има благослов на богољубивите предци – нагласи архимандрит Партениј.

Тој упати повик до политичарите во двете држави да ја продлабочат соработката.

– Сакам да упатам повик до политичарите во двете држави. Кога зборувам за продлабочување на соработката, културните и економски врски меѓу нас, од исклучителна важност е нашите држави да работат и за подобрување на транспортните врски, бидејќи доаѓајќи наваму уште еднаш се убедив во постоење лоша инфраструктура меѓу Македонија и Бугарија. Тоа, за жал, создава реални тешкотии за нашето зближување – нагласи игуменот на Бигорскиот манастир .

Архимандрит Партениј повика за братска поддршка од Бугарија на патот на евроинтеграциите на Македонија.

– Секој брат од Бугарија треба да проштева и да разбира – изјави тој.

Игуменот Партениј изрази благодарност за наградата и за честа што му е доделена.

– Ете зошто верувам дека идеалите на Европа во иднина ќе бидат целосно идентични со оние во Христовото Евангелие каде постои идеален модел на едно идеално општество. Христијанството е тоа кое дава целосна слобода не само на човековата личност туку и на народите во светот. За мене е чест што сум првиот православен монах и свештеник кој се здобил со честа да ја има наградата на европскиот парламент – рече тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...