Игра на троновите

Партијата се распаѓа, а драматичната завршница можеме да ја очекуваме до крајот на годинава. Да се надеваме, без (премногу) жртви.

1317

Уште повеќе се разгорува внатрепартискиот судир во ВМРО-ДПМНЕ. Борбата за тронот на најбогатата партија е започната одамна, од мигот на демисија на Груевски, но сега влегува во критична фаза, по што Груевски, неговиот штитеник Мицкоски и голем дел од Фамилијата ќе ја изгубат својата моќ. Партијата се распаѓа, а драматичната завршница можеме да ја очекуваме до крајот на годинава. Да се надеваме, без (премногу) жртви.

Успехот на парламентот по гласањето за започнување на процесот за уставните измени е придружен со сите стари, но и со нови ризици. Неколку функционери и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ „се спасија“ барем привремено, ако не и трајно, од понатамошен прогон. Дел од јавноста, восхитено ги нарече херои Канчевска-Милевска, Муковски и другите, што покажува колку е лесно да се заборави на нивните недела и основниот мотив за нивното гласање ЗА во парламентот. Од друга страна, тие навистина покажаа храброст да се истргнат, барем за миг, од канџите на Фамилијата. Таа храброст (со или без наводници), ја поттикнуваат повеќе фактори во и надвор од партијата, во и надвор од земјата. Тука спаѓа и дел од Фамилијата што веќе подолго време кокетира со новата влада и со дипломатскиот кор во земјава.

Клучната фигура

Се работи за клучна фигура што го напушти Груевски и неговите „верници“ чиј концепт е грчевита борба, до сега прилично неуспешна, да се извлечат преку предизвикување нови и нови кризи. Груевски веќе три години нема контакт со реалноста. Тој не може да прифати дека распоредот на силите е сосема различен од оној до пред кризата во 2015 година. Околу него се собрани фанатици и социопати од кои има и такви што веројатно никогаш немале контакт со реалноста. Погледнете ги случаите Ѓорге Фикус Иванов, Христијан Колено Мицкоски, на пример… Но, не се сите изгубени во својот фанатизам и неконтролиран апетит за моќ.

Сашо Мијалков, човек што размислува со ладна глава, брзо делува, флексибилен е и има добри и навремени информации. Како и не би, со толку информации на дофат на раката? По толку години на челната позиција во УБК, по долгогодишното прислушување, со контрола на клучни државни ресурси што ги користеше да изгради империја, тој е еден од луѓето со најточни информации за сѐ што можете и не можете да замислите.

Мијалков ги познава сите играчи во политиката, дипломатијата, бизнисот и безбедноста, некои подобро отколку што тие самите се познаваат себеси. Изгледа дека и богатството што го прибра за време на владеењето е далеку поголемо од она што неговиот „дил ориентед“ братучед-премиер. Но, како и секој добар бизнисмен, тој знае каде и колку да го одврзе ќесето, да „инвестира“ во своите следни чекори и позиции. Груевски, на пример, како да има змија во џебот – тоа што си го украл, негово си е.

Притоа, за разлика од неговиот фанатичен братучед Груевски, Мијалков е лишен од емоции што се однесува до политиката и моралот. Добро ги познава приликите и поседува талент за преговори, припрост, маалски духовит, но бескрупулозен и бесчувствителен. И – ни оддалеку не е глупав. Знае математика, за разлика од некои универзитетски професорки и професори. Затоа и не гледа потреба да се турка во редиците што маршираат кон тронот на ВМРО-ДПМНЕ.

Наследството на Груевски

Груевски во наследство остави една ригидна партиска структура во која се владее со страв, со корупција и клиентелизам, комбинација од милитантна и мафијашка организација, раководена од речиси окултна лојалност кон лидерот. Кога таква структура се ниша, може да се очекува бескрупулозна битка за освојување на лидерските позиции, нешто што не им е својствено на умерени и модерни политичари. Ним веројатно ќе им треба поддршка од членството, но и од јавноста, ако сакаат да го преземат кормилото на партијата.

Руските инсталации во ВМРО-ДПМНЕ се силни и нема да се предадат во ниеден миг. Тие не се наивни, ниту се обременети со емоции кон Груевски. Ќе го заборават многу брзо, ако веќе и не го заборавиле. Сега, за нив ќе биде важно да постават свој човек или да прифатат преземање на лидерските позиции од луѓе врз кои ќе имаат барем некакво, ако не и пресудно влијание.

Најлесно, најевтино и најефикасно е да се удри по етничките односи во земјата. Во комбинација со веќе разгорената онлајн пресметка со „предавниците“ во сопствените редови, тоа ќе биде дел од рецептурата за понатамошно попречување на процесите за македонското демократско заздравување воопшто, а особено во чекорите кон НАТО и ЕУ. Велам онлајн пресметка, бидејќи веќе е очигледно дека улицата веќе не е привлечна дури и за солзевци и бачевци, а да не зборуваме за апашиевци и ванкоци…

Говорот на омразата, лажните вести и животот

Ако Основното јавно обвинителство конечно прогледа, па почне да ги гони сторителите на кривични дела поврзани со говорот на омразата, можеби и тоа оружје ќе изгуби од својата острина и деструктивност, барем привремено. Сепак…

Да се очекува дека фабриката за лажни вести ќе престане со работа, би бил преголем оптимизам, но нивниот ефект значително ќе се намали. Ова повеќе ќе биде резултат од притисокот врз „производителите“ на лажните вести на меѓународно ниво, а не од било какво подобрување во работата на домашните медиумски газди и работници (за жал).

Како и да се погледне, процесот што започна, сѐ уште е на стаклени нозе. Значи, нема простор за опуштање. Ќе се соочи со безброј опструкции од внатре и од надвор. За среќа, Македонија ја ужива сета можна поддршка од САД и ЕУ, особено од Германија. Не изостанува ни поддршката од огромен дел од граѓанките и граѓаните чија определба е модерна и европска Македонија, па нека е и Северна, само да не биде ФИРОМ, како што беше до сега. Таа поддршка во голем дел е и заслужена и заснована на напорна работа на неколку посветени политичари. Еднаш, мора да признаеме дека и нешто добро се случува на палубата на овој предвреме остарен брод на кој му треба сериозно реновирање.

Сепак, редно е власта чиј мандат на централно ниво се приближува кон средината, а на локално ниво ја измина првата година – да поработи и по дома. Бидејќи, животот и понатаму стои, а Тато речиси ја смени сијалицата…

Елада

Играта на тронови во ВМРО-ДПМНЕ, руските баќушки, радикалите и криминалците не се единствените планини испречени на патот кон спроведувањето на Преспанскиот договор и кон ЕУ и НАТО.

Голем предизвик е и состојбата во Грција, каде што помирувањето што го започнаа Заев и Ципрас, им даде крилја на тамошните националисти и на клерот кои, исто како и овдешните, сесрдно ги поддржува Кремљ. Грчките парламентарни избори се во мај, 2019. Овој процес на спроведување на македонско-грчката Спогодба мора да заврши пред тие избори да се одржат. Токму кусокот време сметаат сите што се противат на тоа Македонија да се стабилизира и да стане нормална земја.

Значи, не можеме да очекуваме чист и пристоен политички процес во наредните денови, недели и месеци. Ќе има многу тешки и напнати моменти, часови на исчекување, тензии, по некој инцидент… Ова не е нормален процес во нормална земја, а започнат е и се води за да стане токму тоа – нормална земја во која се одвива нормален живот…

Епилог

Во таква земја…

Политичките трикови и акробации се поважни од фундаментите на Уставот, Фејсбук диктира, а не резонира јавни политики и политички трендови, универзитетски професор(к)и буквално се брукаат со тресење глупости (нема друг збор за тоа)…

Како асоцијални деца што немаат основно воспитание и не виделе ден школо, гледаме политичари, интелектуалци, новинари и онлајн манијаци што се препнуваат од сопствените амбиции да ги надитрат сите други. Градат цели кариери на споредни работи во политиката и животот.

И голем дел од нив ќе се провлечат низ ширум отворените врати на тесните интереси, но и мрзата, попустливоста и игноранцијата. И ќе владеат и понатаму…

За сега, без епилог во оваа сезона…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...