На видео снимката се гледа прес-конференцијата на сослушаниот сведок Дамјан Манчевски од 30.04.2017 година на која тогашниот пратеник вели дека нарачателите и директните извршители на обидот за убиство во Собранието ќе одговараат за се што сториле. Покажува фотографии од напаѓачите на пратениците.
– Ова на сликата е Игор Југ со усташки симболи претседател на таканареченото патриотско здружение “Владо Георгиев Черноземски” суден за силување, обид за убиство и дрога – вели Манчевски и покажува две фотографии од Југ првата со Никола Груевски од 2003 година, а втората од 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија.
Обвинетиот Југ рече дека никогаш не бил суден за силување, обид за убиство или дрога, а најголема навреда му било што се велело дека носел усташки симболи. Нагласи дека не е претседател на ниту едно македонско патриотско здружение. Тоа, како што кажа, било почетокот на фабрикувањето дека станува збор за човек ѕвер, манијак и убица кој може се да направи по налог на некого.
– На 27 април носев маица со натпис ХОС што значи Хрватске одбранбене снаге, а натписот “За Дом спремни” е вообичаено прифатен во Хрватска и не навредува ни една нација. Тоа се симболи под кои загинаа илјадници хрватски бранители. ХОС е составен дел на хрватските оружени сили и не е паравоена организација – рече Југ.
Со тоа заврши доказната постапка за предметот. Следното рочиште е закажано за 15 јануари идната година кога треба да почнат завршните зборови за судењето.