Филмски критичари има, но долгогодишната суета и несакањето да се препознае важноста на филмскиот критичар во рамките на една мала филмска индустрија како нашата нѐ донесоа до дереџе во кое секој се наоѓа во ситуација да се бори со ветерници, вели филмскиот критичар Игор Анѓелков.
Во издание на „Или-Или“, излезе од печат книгата „Филмски град“ која нѐ поттикна да помуабетиме со авторот, Игор Анѓелков.
Три години по книгата „Филм.мкд“, за која ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2015 година, излезе од печат твојата нова книга „Филмски град“. Значи ли тоа дека третирањето на филмската уметност низ критички агол е твоја трајна мотивација?
– Доколку за нешто може да се каже дека постојано ме провоцира и бара ангажман од мене, тогаш тоа секако е седмата уметност, веројатно сѐ уште највлијателниот медиум и во 21 век, иако социјалните медиуми со години сериозно се закануваат и може да се случи да му го преземат приматот во однос на популарноста, што е и нормално, бидејќи сепак длабоко загазивме во непредвидливиот нов милениум. Но, филмот и понатаму ја има онаа прекрасна моќ да заведува во најпозитивна смисла на зборот, и како созревам, така сакам сите мои животни искуства да ги поставам во однос на она што современите режисери сакаат да го истретираат во своите филмови. Па, така, во моите осврти кон филмовите се создава фин, еклектичен микс од филмското и книжевното, што наидува на добар одзив кај читателите.
Првото поглавје од книгата го посветуваш на македонскиот филмски град. Накусо, што се случува во последниов период со седмата уметност на домашен план?
– Во македонската кинематографија има придвижување и нови ветришта, и се надевам дека истите претставуваат показател кон каде во иднина треба да се движи домашниот филм. Но, за тоа треба стратегија на која ќе работат повеќе чинители здружено и бескомпромисно, само доколку се успее да се надмине клановската поставеност на нештата. Вредни луѓе има, талент и љубов кон филмот исто така, а доказ за тоа се сѐ побројните награди како за играните филмови, така и за кратките остварувања, во чии редови треба да ги бараме идните филмски промотори на оваа земја во европски и светски рамки.
Во поново време се снимаат сѐ повеќе филмови во Македонија, а од друга страна пак, филмската критика речиси и ја нема. Нема ли интерес за филмски рецензии и осврти, или друго е во прашање?
– Веројатно во дел од одговорот во претходното прашање лежи и одговорот на ова прашање. Филмски критичари има, но долгогодишната суета и несакањето да се препознае важноста на филмскиот критичар во рамките на една мала филмска индустрија како нашата нѐ донесоа до дереџе во кое секој се наоѓа во ситуација да се бори со ветерници. Доволен показател за ваквиот развој на настаните е токму и мојата нова книга, чие излегување беше бегло присутно во медиумите, а во единственото специјализирано печатено списание за филм воопшто не беше ни спомната, макар како информација дека постои како културен производ наменет за љубителите на филмската уметност. А да не правиме муабет за посериозна презентација низ критички осврт, секако, и во негативен контекст. Што да очекуваме тогаш од медиумите кои воопшто немаат редакции за култура? Но, тоа е така затоа што културата и понатаму се третира како област за политичко пазарење.
Беше водител на една од ретките специјализирани емисии за филм „Филмополис“. Ти недостига ли телевизиската работа?
– Филмот како визуелна уметност најдобро може да се третира преку телевизискиот медиум, но како одминува времето, сѐ повеќе се наоѓам во пишаниот збор, кој исто така ми лежи како начин за изразување и поимање на нештата. Од друга страна, пак, кога ќе помислам дека единаесетгодишната работа на „Филмополис“ колку ми претставуваше задоволство, толку беше и стресно искуство поради тоа што, за на крајот да добијам задоволителен производ, на снимањата истовремено морав да бидам и светло-мајстор, режисер, понекогаш и снимател, монтажер, и дури на крајот – фимски новинар. Затоа, доколку некогаш повторно ми се укаже можност да работам филмски магазин, тоа би било само во совршено создаден амбиент, во професионална телевизија и со луѓе кои си ја познаваат работата.
Освен поголем буџет, што му недостига на македонскиот филм за да биде пошироко прифатен во странство?
– Поголем буџет не значи автоматски и подобар филм. Имавме случаи, не толку одамна, и во нашата кинематографија кои ја потврдуваат оваа констатација. Мислам дека на авторите им фали поголема храброст да се соочат со реалноста во која живееме сите овие години наназад. Транзицијата создаде еден куп приказни кои плачат за филмски третман, но немањето квалитетни сценаристи честопати ги тера самите режисери истовремено да бидат и автори на своите сценарија, што не е лошо, така доаѓаме до моментот на „авторски филм“, кој, за волја на вистината, не секогаш има позитивна одредница по завршувањето на снимањето на филмот. Секој филмски автор, доколку е искрен кон своето дело, треба да најде соодветен начин за негово претставување на филмските фестивали ширум светот, во тоа шаренило од можности каде секој го гледа својот краен интерес, капиталот. А за македонскиот филм, како генерална одредница, да биде пошироко прифатен во странство, мора да постои одредено движење во неговите рамки, еден вид „њу вејв“ со заеднички референци, кој како таков, ќе биде препознаен и ќе има можност да ѝ се додвори на странската публика. Но засега, освен одредени проблесоци, не сме сведоци на тоа, а и понатаму ќе биде така сѐ додека на филмската уметност се гледа како на можност за тековно збогатување на фондот на сопственото гранапче.
Што, според тебе, филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески го направи успешен филм?
– Ѓорче е вреден автор и искрено ја сака седмата уметност. Ми се чини дека буквално загина за да го реализира својот првенец, и таквиот пристап веднаш се препознава на платното. Без да прави компромиси во однос на она што сака да го добие на крајот, тој успеа со „Исцелител“ и на меѓународен план, бидејќи тоа и му беше крајната цел, а не манипулација со филмскиот буџет и желба што повеќе средства да останат во својот џеб. Но, на сето ова му претходеше правилен развој на нештата: учество на пичинзи за развој на сценариото, поддршка од релевантни фактори од фелата, награди, и на крајот, снимање и пост-продукција, од која, и покрај проблемите, на крајот се роди квалитетен дебитантски филм кој никого не остави рамнодушен. Вистински пример за влог во сопственото уметничко кредо и сопствената филмска иднина.
Партнери сте со Ненад Стевовиќ во издавачката куќа „Или-или“. Изгледа дека целиот ваш живот е поврзан со книгата. Каков е односот на македонските читатели кон македонските автори на книги?
– Кога читањето ќе ви влезе под кожата уште од рани години, потоа таа „зависност“ тешко се лечи. Токму затоа е важно новите, млади родители на своите деца, покрај телефоните, таблетите, лап-топовите и компјутерите, како задолжителна опција да им ја понудат и книгата, како однос кон неа кој се гради уште од мали нозе. Една од мисиите што ја имаме со Ненад, меѓу другото, е „Или-Или“ да продолжи да формира критична маса регрутирајќи нови генерации читатели, низ понуда од квалитетна преводна литература и, уште поважно, давање можност на новиот бран македонски писатели да ги издадат своите први, втори, трети книги токму во нашата издавачка куќа. Јас искрено се надевам дека во овие 15 години постоење успеваме во тоа, бидејќи во последниве години читателите повеќе ги бараат и читаат македонските автори, што е за поздравување. Веројатно за таа тенденција придонесоа и неколкуте наградени книги, кои со својот квалитет се на рамништето на било кој европски автор во моментов.
Автор си и на три прозни книги посветени на урбаните приказни од твоето родно Скопје, навраќајќи се кон своето детство и младоста. Што му недостига денес на урбаното Скопје?
– Моја омилена декада која ме оформи како личност и во која добро се чувствував се деведесеттите години на минатиот век, крајот на милениумот, fin de siècle, чие лудило низ безмилосната војна на Балканот, можеше сите да нѐ уништи. Тие размисли и искуства беа главна преокупација во моите прозни книги, збирката раскази „Кротки приказни“ и романите „Крај-пат“ и „Фото синтеза“. Честопати слушаме и читаме дека она Скопје од 90-ти, 80-ти, па и порано, од 50-те и 60-те години на минатиот век, било најубавото и најдоброто место на светот за корзо и ноќен живот на градските момци и девојки. Но, веројатно, она Скопје кое го живееме во моментов е најдоброто Скопје за сите нас, и секој со својот ангажман во полето во кое делува мора да се обиде да го направи уште подобро место за живеење, со европски шмек и добра енергија. Бидејќи, луѓето се оние кои го креираат градот, а не зградите или спомениците. Во последно време градот добива сѐ поинтересни места за дружба за различни делови од денот, и мислам дека одиме во добра насока. Мораме да создадеме јадро во кое сите добро ќе се чувствуваме, со повеќе содржини за секојдневна дегустација, и само така ќе го одржиме жив духот на ова наше сакано Скопје, колку и да го пцуеме понекогаш.