Одлуката на Управниот суд, која е во корист на поранешниот претседател Ѓорге Иванов во врска со унапредувањата на генералите во АРМ нема да ги врати на претходните позиции сменетите армиски функционери, бидејќи новиот претседател Стево Пендаровски донел нови укази, дознава Плусинфо.
И додека институциите докажуваат дали Иванов бил или не во право, бидејќи сега Антикорупциска најавува нова тужба до повисоките судови, сменетите армиски функционери нема да се вратат на позициите, бидејќи Пендаровски веќе донел нови укази.
Иако Пендаровски новите укази за разрешување, поставување и отповикување во Армијата ги донесе по одлуката на Антикорупциската комисија која утврди дека донесените укази од Иванов се незаконски, одлуката на Управниот суд нема ништо да промени во сегашната ситуација. Тогаш Пендаровски со новите укази разреши тројца вработени во Армијата од позициите на кои ги постави Иванов, а на двајца им ги потврди позициите.
Комисијата за спречување корупција тогаш констатирала дека унапредувањето и поставувањата се спротивни на Изборниот законик и Законот за спречување корупција и на судир на интереси т.е. донесени се по денот на распишување на избори, а врз основ на кои имало зголемување на плати.
По ова Пендаровски донесе нови укази со кои бригадниот генерал Орце Јордев, го разреши и го постави за заменик на командантот на Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата. Разрешен беше и полковник Драган Ковачки од командант на 1. Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата.
Полковник Бесник Емини беше разрешен од началник на штаб во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата и беше поставен за командант на 1. Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата.
Од Антикорупциска велат дека ги разгледуваат правните механизми по донесената одлука на Управниот суд и дека најверојатно ќе поднесат жалба до повисокиот суд.
Според Управниот суд, Антикорупциска ја донела одлуката без да му овозможи на Иванов да изложи своја одбрана. Освен тоа, според Управниот суд противуставно е да се укине веќе стекнат офицерски или генералски чин.