Претседателот Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање во Собранието рече дека УБК е „жариште на политички, институционални и безбедносни кризи“, кое наместо да ги спроведува законите, работи надвор од својот законски мандат.
Иванов, тврди дека УБК е машинерија за делегитимирање на институциите на државата и еден од главните инструменти за вршење уцена, а додаде дека и тој и неговото семејство биле следени од таа инситуција.
– Сакам да ја запознам целата македонска јавност за една многу важна работа. Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба, и повторувам, усна наредба, се врши следење, снимање и прислушкување на претседателот на државата, на членовите на неговото семејство и членовите на неговиот кабинет. А, тоа е само индикатор дека се менуваат системи, називи, влади, министри и директори но, по се изгледа дека УДБА си останува УДБА со удбашки методи – рече претседателот Иванов.