Поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, престојува во Словачката Република, по повод учеството на јубилејната 30-та манифестација „Денови на Светите Кирил и Методиј“, што се одржува во Општина Терхова.
Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, се обрати на конференцијата „Пораките на Светите браќа Кирил и Методиј“, на која истакна дека битката на светите Кирил и Методиј била да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура и традиција и сами да ја пишуваат својата историја.
– Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности. Јас денес го говорам македонскиот јазик, исто како што нашите словачки пријатели го говорат словачкиот јазик благодарение на светите Кирил и Методиј. Тие се вградени во секој збор што ќе го изговориме, и секоја буква што ќе ја напишеме – порача поранешниот претседател пред присутните.
Според него, духовното стебло на светите Кирил и Методиј израснало и се разгранило на целиот континент, а тоа е всушност богатството на Европа кое денес го именуваме како единство во различноста.
–Без тоа словенско стебло денес ќе имавме една интелектуално и духовно посиромашна Европа. Затоа, должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет, истакна Иванов.
Тој во својот говор се осврна и на пораките на светите Кирил и Методиј, кои, како што рече, би биле дека сите кризи со кои се соочуваме произлегуваат од длабоката морална криза во која се наоѓа човештвото, вклучително и нашите општества.
–Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација, сведувајќи ја етиката на ниво на личен избор. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Светите Кирил и Методиј ги фалиме, без да ги послушаме. Се повикуваме на нив, без да видиме на што нè повикуваат тие нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади генерации“, истакна Иванов.
Во рамките на посетата на Терхова, поранешниот претседател Иванов учествуваше и на промоцијата на книгата „Похвалното слово за Кирил Филозоф“ на Стојан Лекоски, писател, библиограф, преведувач и еден од најистакнати и најактивни претставници на македонската заедница во Словачка. Книгата е преведена на повеќе јазици по повод 1150 години од упокојувањето на Св. Кирил, и е во издание на МПЦ-ОА и Министерството за култура.
Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, ќе присуствува и на свечена литургија во катедралата Св. Кирил и Методиј – Брдо Оравцове, што претставува најголем храм во Словачката Република посветен на Сесловенските просветители.
Во состав на делегацијата e и поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.