Претседателот Ѓорге Иванов по десет години, в недала заминува од функцијата шеф на државата. Во претседателската „Вила Водно“ треба да се всели неговиот наследник Стево Пендаровски, кој по победата на изборите, ќе стане петти претседател на државата по нејзиното осамостојување во 1991 година.
Инаугурацијата на Пендаровски е најавена за в недела, на последниот ден од истекот на мандатот на Иванов.
На три дена пред заминувањето од функцијата нема официјална потврда што актуелниот претседател ќе прави по истекувањето на мандатот.
Засега тој не ја информира јавноста за идните професионални планови. Неговиот кабинет се интересирал кај Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), колку изнесува годишниот буџет за поранешен претседател на државата.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска потврди дека до вчера немало доставено никакви барања од кабинетот на Иванов за неговите потреби по заминување од функцијата.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Дел од медиумите ја отвораат и дилемата за поднесените барања за помилување на осудените за „27 април“. Освен потврдата дека барања се пристигнати, од кабинетот на претседателот не кажуваат како ќе постапи тој. Владини претставници и правни експерти сметаат дека евентуалното помилување би значело кршење на Уставот и злоупотреба на овластувањата.
Останува прашањето и за законите изгласани во Собранието што Иванов одбиваше да ги потпише. Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, кој треба да стапи на должност на 12 мај, најави дека прва задача како нов шеф на државата ќе му биде да ги потпише тие закони.