Иванов: Референдумот не е анкета, одлуката на граѓаните обврзува, Собранието да ја почитува

771

На вчерашниот референдум народот го отфрли Преспанскиот договор. Со негласање, народот јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус.Тивкото мнозинство одлучи. Бојкотот е гласот на оние кои се потценети и не се слушнати, рече претседателот на државата Ѓорге Иванов во обраќањето да македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.

– Пораката од народот е испратена до оние кои мора да ја слушнат. Реалноста е дека референдумот не успеа. Не се обидувајте да ја измените оваа реалност. Не ја потценувајте суверената волја на македонскиот народ. Не може да се зборува за волја на мнозинството во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа.

Колку и да извртувате, не можете да ја промените реалноста. А реалноста е дека референдумот е неуспешен. Време е за одговорност пред македонскиот народ – рече Иванов.

Тој додаде дека поддршката за ЕУ и НАТО е колатерална штета на непопуларниот референдум. Дека поддршката за ЕУ и НАТО од над 80% ја свеле на само 36,9% и дека ги манипулирале и нашите граѓани, а на нашите европски и евроатлантски партнери им пласирате лажни претстави и перцепции.

Иванов продолжи дека држава не се води со слободно и неовластено толкување на Уставот и законите на Република Македонија. Истовремено, вели претседателот, очекува набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР сериозно да ги земе предвид приговорите околу нерегуларностите на одредени избирачки места.

Тој упати порака и до како што вели, оние кои се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и непринципиелно заземаат страна.

– Им порачувам да ги почитуваат меѓународните конвенции за дипломатски односи. Не може оние кои имаат демократски дефицит да наметнуваат решенија спротивни на суверената волја на македонскиот народ – рече Иванов.

Тој ги потсети граѓаните дека пред само неколку дена, од говорницата на Обединетите нации, Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп изјави дека слободата, мирот и демократијата се можни само во суверени и независни држави.

– Вчера, македонскиот народ ја покажа својата суверена волја. Како и францускиот претседател Макрон, така и јас верувам во силниот идентитет на секој народ, верувам во историјата и амбицијата на нашиот македонски народ. Референдумот не е анкета. Одлуката на граѓаните обврзува. На референдумот вие граѓаните непосредно ја остварувате вашата суверена власт. Собранието таа одлука мора да ја почитува – рече шефот на државата.

Тој им честита на Македонскиот народ, на Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите за нивната одлука.

– Дозволете да се обратам и на сите граѓани на Република Македонија кои вчера излегоа и го дадоа својот глас на референдумот.

Само цврсто сплотени околу нашите државни интереси, почитувајќи го уставниот и правниот поредок може да го изодиме патот до европското и евроатлатското семејство. Немаме дилеми дека местото на Република Македонија е во ЕУ и НАТО. Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди. Само така ќе можеме да се справиме со двата големи предизвика:

Првиот предизвик се сериозни и темелни реформи во сите сегменти, бидејќи без вистински судски реформи, без правда и владеење на правото, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО.

Вториот предизвик е одново да го изградиме нашиот национален консензус за да можеме со еден глас и сплотени да настапуваме во бранењето на нашите државни интереси и остварувањето на нашите стратешки цели.

На крајот, како Претседател на Република Македонија, сакам да ве потсетам дека речиси во сите одлучувачки моменти од историјата на Македонија, народот носел мудра одлука. Наше е да ја почитуваме таа одлука. Ова треба да биде поука за сите политички партии да внимаваат што и кому ветуваат.

А како граѓанин, пак, очекувам од владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум. Сите во животот се соочуваме со порази. Некој повеќе, некој помалку. Големината на човекот е да го препознае и признае поразот – рече Иванов и додаде дека вчера, Република Македонија остана непоразена.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...