Иванов, Попришкин

1145

Тоа беше само коинциденција? Но и една коинциденција која ви кажува нешто важно? Која доаѓа токму затоа да ви каже нешто важно? Како и секоја коинциденција, независно од тоа што вие го разбирате тоа дури отпосле. Откако стапила на сцена, бездруго. А, за каква коинциденција станува збор?

Не денот (02.07.2017)  кога нашиот, колку уникален толку и манијакален претседател Ѓорги Иванов одржа, на Мечкин Камен, уште еден во својата серија славни говори во кој му даде силна оддишка на својот огорчен бес или, уште подобро, бесна огорченост која се вика ресантиман во филозофскиот речник на Ниче, јас ја читав новелата „Дневникот на лудиот“ (1835) од знаменитиот руски класик Николај Василевич Гогољ (1809-1852).

Често ја читам таа новела од Гогољ „во пакет“ со една друга, „Шинел“. Најверојатно поради една сугестија на Фјодор Михаилович Достоевски во која вели дека „сите ние сме излезени од шинелот на Гогољ“. Тоа „сите ние“ на Достоевски се однесува на руските писатели кои доаѓаат по Гогољ. Ништо не пречи, меѓутоа, таа мисла на Фјодор Михаилович да се прошири и на луѓето воопшто затоа што нема да се претера ако се рече дека во секој човек се крие по еден мал, одвајвидлив Попришкин, го признавал тоа или не. Сега, зошто „во пакет“? Затоа што двајцата јунаци (Попришкин од „Дневникот на лудиот“ и Акакиј Акакиевич од “Шинел“) се нешто како родени браќа по душа и судбина.

Тоа се две отепани, две систематски газени и бездушно згазени „божји душички“. „Понижени и невреден“ (Достоевски) од непосредниот свет околу нив. Но и луѓе во кои, токму затоа што се – луѓе, не само што не се гаси жедта по важење (Конески: „кога ќе загуби право човек/ да се прави важен/ што му останува на тој човек?/­ Да чемрее до век!/) туку, напротив, постојано расте, иако невидливо, во прв ред, за самите нив!) за да порасне до размер кој неизбежно ги фрла во – лудило. Го тргам настрана прашањето зошто оној „непосреден свет“ (симбол за светот во целина како што е обично за јазикот на литературата) околу Попришкин и Акакиј Акакиевич постапува толку бездушно со нив. Ќе додадам тука само дека темата безначаен човек, подоцна „лишниј человек“ во прозата на Тургенев и „човек без својства“ во онаа на Роберт Музил е магистрална тема како во руската, така и во литературата на светот.

Жедта по важење која во филозофската антропологија на Кант се вика Herrsucht (aмбиција) е конституитивна за духовниот склоп на секој човек и тоа добро објаснува зошто кај трагичниот јунак на Николај Гогољ таа жед е обратно пропорционална на неговата животна и социјална безначајност. Или, попросто речено, колку поголема и поизразена безначајност, толку поголема, поизразена, деспотска жед за важење која станува џелат за оној што ја поседува, а станува џелат од две важни прчини: прво, затоа што без неа, како и секој жив човек, не може и, второ, затоа што за неа се фаќа како за сламка за спас која сепак го врзува со оној „непосреден свет“ кој го гази и понижува. А зошто е така? Затоа што нема свет без човек и човек без свет. Ете зошто структуралистите велеа дека нема „јас“ (индивидуа) без “ти“ (другиот, свет) и “ти“ без јас.

Што е тоа што допушта да се споредува нашиот уникален и манијакален претседател Иванов со класичниот, безначаен, „лишниј человек“ и „човек без својства“ Попришкин на Николај Василевич Гогољ како одамна изолирана, отфрлена фигура во светот на политиката која нешто значи и, посебна. на онаа политика која многу значи, а чиј збор се прима како заповед (САД и ЕУ)? Мошне добро и поучно зборува за тоа еден мал детаљ од неговиот славен, незаборавен говор на Мечкин Камен во кој си допушти, без најмалу „страв и зазор“, да се споредува со покојниот претседател Киро Глигров. Имено, Иванов сега бил “заобиколуван“ по прашањето за Договрот со Грција по ист начин, како што Глигоров бил заобиколен од Љубчо Георгиевски и Васил Топурковки кои го признаа Тајван спроти волјата на Кина, членка на Советот за безбедност на ООН со право на вето како САД и Руската федерација.

Мислам дека не треба да се трошат зборови за тоа дека таа споредба е, во најмала рака неумесна, како што не треба да се трошат зборови за тоа дека по таква споредба може да посегне само човек од две причини: или се работи за човек кој е лишен од елементарено чувство за скромност (не треба Иванов да ни кажува, уште помалку да не убедува, дека тој и Глигоров се фигури од ист политички формат, други треба да го кажат тоа!), или пак се работин за човек кај кого толку разбирливата жед по важање нараснала до такви размери која го турка во бедната на лудилото. Токму како оној Попришкин на Гогољ.

Во овој свој, ни оддалеку исцрпен и детализиран напис на тема некои сродности меѓу еден претседател на држава (Иванов) и еден класичин јунак на руската литература (Попришкин) јас употребив некои изрази како, на пример: „божја душичка“, „жед по важење“ или „амбиција“ како клучни составки за духовниот склоп на секој човек. Секој оној што го чита овој мој напис со право ќе се праша, кога ќе ги прочита тие мои изрази, дали јас, макар на еден индиректен и завиен начин, не се трудам да изнајдам некое разбирање за неразбирливите постапки на еден претседател на држава кои ако не се плод на лудило како кај Попришкин на Гогољ, тогаш се, во најмала рака, политичко лудило?

Должен сум веднаш да кажам: јас сум далеку од помислата дека еден претседател на држава треба да се амнестира од одговорноста за злата кои му ги нанесува на својот народ во континуитет од безмалу една деценија. Далеку, затоа што мислам дека и самиот Иванов е длабоко свесен за тоа што и како прави со тој свој народ, исто толку колку што е свесен дека дека тоа го прави затоа што – мора да го прави (зошто, тој најдобро го знае тоа); дека тоа „мора“ за него е прашање на живот или смрт; дека секое мора (виталистички инстинкт) е посилно од секое “сака“, како што секое „сака“ е посилно од секое – „треба“. А што правиме со онаа моја патемна прибешека дека во секој од нас се крие по еден мал Попришкин? Дали таа прибелешка не го амнестира од одговорност нашиот претседател, веќе според она исусовско начело кое и заповеда на разјарната толпа да фрла камен на блудницата Марија Магдалена само ако, во живот, не направила ни најмал грев?

Одговорот на тоа прашање зависи сега не од сличностите меѓу еден претседател на држава и еден лик од уметничката литература како Попришкин на Гогољ, туку од – разликите! Разликите меѓу еден претседател на држава и оние на Попришкин од „Дневникот на лудиот“ на Гогољ се – огромни. Но, тоа е веќе друга тема со која ќе се позанимавам при некој друг повод. Неопходно е само да додадам тука дека механизмите со кој располага еден „лишниј человек“ како Попришкин и оние со кои располага еден претседател на држава, а кои му помагаат да излезе на крај со својата „жед за важење“ се – неспоредливи. Оној Попришкин нема ништо во своите раце. Иванов има се. Тоа објаснува зошто Гогољ е на страната на својот трагичен јунак и зошто не го насликал како некој руски генерал, уште помалку како – монарх и автократ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...