Ова е тажен ден за Македонија, тажен ден за сите нас. Вакви настани да не ни се случуваат. Нека им е вечна слава, истакна претседателот Ѓорге Иванов, во своето обраќање на комеморативната седница на Општина Гостивар, по повод трагичната сообраќајна несреќа, што вчера попладне се случи на автопатот Скопје-Тетово.
– Се вели дека луѓето не умираат кога ќе ги погребат, туку кога ќе ги заборават. Да остане споменот за овие луѓе вечен, да се сеќаваме на нив, да ги спомнуваме, и на нивните најблиски да им помагаме овие тешки моменти да ги пребродат. Тешка е загубата, но уште потешко е ако вакви настани ни се повторуваат. Ова е поука да бидеме секој пат внимателни – рече претседателот Иванов.
Иванов, како што информираа од неговиот кабинет, истакна дека тие луѓе кои ги изгубиле своите животи ги изгубиле своите соништа, планови, сите свои мечти, а се стремеле да имаат добар и среќен живот.
– Нека биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме, и секој пат да си укажуваме на вакви моменти поддршка, затоа што животот е краток, многу брзо проаѓа. Нека биде животот исполнет со моменти на среќа и на радост, а не со тага. Уште еднаш изразувам најдлабоки сочувства до семејствата, до пријателите, до блиските, до општината, до државата. Ова е тажен ден за Македонија, тажен ден за сите нас. Вакви настани да не ни се случуваат. Нека им е вечна слава – рекол претседателот Иванов во обраќањето пред советот на Општина Гостивар.
ФОТО: EPA/NAKE BATEV