Кабинетот на претседателот на Република Македонија e згрозен од содржината на јавно објавеното решение за притвор на лицето Кирил Божиновски, каде се цитира идентична службена белешка на УБК, како и во случајот на Миле Јанакиески, соопшти Кабинетот на шефот на државата.
Од таму додаваат дека на идентичен начин се злоупотребува претседателот на Република Македонија. Единствената разлика во содржината на цитираната белешка е што во првиот случај се посочува на остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, а во вториот на средба со посредник на Кирил Божиновски.
– Категорично ги негираме изнесените наводи во службената белешка на УБК и информираме дека ниту е побарана, ниту одржана средба со Кирил Божиновски, ниту со негов посредник. Негираме и дека е остварена средба со посредник на Миле Јанакиески. Кабинетот на претседателот на Република Македонија јавно прашува дали се уште незаконското следење на комуникации се прикрива со користење на измислени извори?
Јавно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање да одговорат врз основа на што се следат активностите на претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет, од страна на УБК – велат од Кабинетот на Иванов.
Иванов ја повикува собраниската Комисија за надзор над работата на УБК, Советот на јавни обвинители, Судскиот совет и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да утврдат одговорност за целиот случај и да го известат.
– Кабинетот на претседателот на Република Македонија нема добиено одговор за барањата упатени вчера, до министерот за внатрешни работи, до директорот на УБК и до претседателот на Основниот суд Скопје 1, за достава на службената белешка на МВР-УБК, која е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на Претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, стои во соопштението.