Не се плашам од импичмент, слободно може да покренат такво прашање во Собранието, а не би се изненадил и ако власта се обиде да ме уапси, имајќи во вид што прават во изминатиов период. Може сѐ да направат, кога видовме што сѐ се случува во овој период кога се на власт – изјави Претседателот Ѓорге Иванов по своето денешно обраќање до јавноста, во врска со шпекулациите дека се подготвува негово апсење и импичмент.
Иванов одговарајќи на новинарски прашања потврди дека генералниот секретар на претседателскиот кабинет, Борис Јосифовски, бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на 8. кат, за време на нападот на Собранието на 27 април лани. „Сега видов дека бил во партијата“- одговори Иванов.
Според сведочењето на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, Јосифовски оперирал со парамилитарниот партиски штаб кој го координирал нападот.
Како што Плусинфо објави за неговиот советник за национална безбедност, Синиша Алексовски, Иванов објасни дека вечерта на 27 април тој требало да лета за Вашингтон, но поради состојбата, тој буквално се симнал од авионот на аеродромот во Истанбул за да се врати во земјава, каде стигнал во 1 часот по полноќ.
Иванов кажа и дека советникот Синиша Алексовски на секои шест месеци оди на тест на полиграф.