Иванов: Нема да потпишам ваков штетен договор, нема да легализирам политички дивоградби

2115

Ваквиот штетен договор, кој е единствен во историјата на човештвото, за мене е недостоинствен и неприфатлив. Со него се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите. Нема да легализирам политички дивоградби, рече претседателот на државата Ѓорге Иванов во своето обраќање.

Тој додаде дека Владата не смогнала сила и храброст да се изгради заеднички став и да се постигне национален консензус. Целиот овој преговарачки процес се одвиваше несериозно, неодговорно и нетранспарентно, за што сведочи и крајниот резултат.

– Текстот на договорот е поразителен за Република Македонија. Со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на преамбулата, како и на сите членови од Уставот каде се споменува името и термините, произлезени од името Македонија.

Дали е патриотизам да се менува преамбулата и да се избрише државно правниот континуитет на Република Македонија, Крушевската Република и АСНОМ? Дали е патриотизам бришење на членот од Уставот за заштитата на македонското малцинство во соседните земји? Дали е достоинствено да се информираат сите членки на Обединетите Нации дека сте го промениле уставното име? Дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми? Дали е лидерство да се прифати текст на договор во кој нема никаква правна сигурност и гаранции за македонската страна? Со ваков договор се отвораат многу повеќе прашања и проблеми, отколку што се затвораат. Прашања со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ – рече Иванов.

Тој додаде дека Грција успеала да ги исполни своите максималистички барања.

-Одговорно тврдам, дека тоа што го направи со Македонците во Грција, сега преку овој договор, настојува да го направи со Македонците во Македонија. Со ваков договор не се јакне македонскиот идентитет, туку се деградираат веќе стекнатите права кои ги имаме во Обединетите Нации. Се погазува заветот на нашите предци, на оние кои со чисто срце го создаваа вековниот идеал и стремеж за наша една и единствена Македонија. Се погазува 73 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ, се брише 27 годишната историјата на независната македонска држава. Се што е свето за Македонија е погазено, а правото и гордоста на неродените да бидат Македонци им се ускратува. Република Македонија ја губи својата суверена еднаквост што произлегува од Повелбата на Обединетите Нации – истакна шефот на државата.

Иванов повика да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија. Според него, ваквиот договор не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира.

Иванов рече дека како претседател на Република Македонија, како и досега, така и во иднина, ќе се залага за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.

– На крај, го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот. Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор – порача Иванов.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...