Иванов: Немав што да зборувам зо Заев и со Димитров

944

Секој претседател е под заклетва која ја дава, кога го прима својот мандат и се колне на Уставот. Сум се заколнал и сум дал свечена изјава дека ќе го почитувам Уставот на Република Македонија. Не можам да прифатам акт кој е спротивен на Уставот и законите на Република Македонија и кој е спротивен на консензусот изграден од државниот врв, порача претседателот Ѓорге Иванов од Софија на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега Румен Радев, одговарајќи на новинарско прашање.

Македонскиот претседател кој престојува во официјална посета на Република Бугарија, истакна дека договорот со Република Грција е личен акт и лична одлука на премиерот кој не ги земал предвид сите последици од таков штетен договор.

– Затоа вчера во мојата изјава кажав дека ова е личен акт и лична одлука на еден премиер кој не ги земал предвид сите последици од таков штетен договор, кој не затвора туку отвара многу прашања и создава голема неизвесност и несигурност и за Македонија и за регинот – рече македонскиот претседател.

Во однос на вчерашната средба со премиерот Заев и министерот Димитров, претседателот Иванов потенцираше дека на таа средба за прв пат му бил донесен документот за кој во изминатиот период ниту бил запознаен, ниту вклучен.

– Кога го добив документот, јас немав што да разговарам на таа средба и затоа средбата кратко траеше. Јас не сум бил вклучен во донесувањето на тој документ и зошто да бидам јас тој кој ќе го легализира документот. Како го создале и го донеле без мое учество така и нека си го завршат без мое учество. Тоа е принципиелен став затоа што согласно Уставот и законите на Република Македонија, Претседателот на Републиката е надлежен за склучување на меѓународни договори. Претседателот бил исклучен од целиот процес и изготвување на таков документ, зашто сега да легализира туѓа активност и постапка за која е прекршено она што е создадено како еден вид на консензус на државниот врв, а тоа е нема промена на Уставот и нема прифаќање на ерга омнес. Таа е нивна одлука и нивна е одговорноста – рече Иванов.

На прес-конференцијата Иванов нагласи дека се знае кој е тој кој сиве овие години ја попречува и влијае на стабилноста на регионот и на Македонија.

– Не прифаќам квалификација дека јас сум ја попречувал стабилност на регионот. Се знае кој е тој што сиве овие години ја доведува состојбата во Македонија да биде ваква. Се знае кој ја блокира Македонија и влијае на нејзината иднина. Се знае кој го попречува правото на просперитет на еден народ – рече Иванов, додавајќи дека е недозволиво во остварувањето на стратешките цели и определби членството во ЕУ и во НАТО да бидат алиби за штетни и за поразителни договори кои ќе ги склучува Република Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...