Иванов: Немав намера да прогласам воена состојба, освен ако во земјата не функционирал паралелен Врховен командант

Уште пред две години укажав дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија. И по три години од дијагнозата на Прибе, болеста не е отстранета. рече Иванов

984
ФОТО: EPA/NAKE BATEV

 

Во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, никогаш не се разговарало, ниту се размислувало за прогласување на воена, или вонредна состојба. Со тоа ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба. Во овој момент, јавно ги повикувам странските претставници,  да излезат и да ги посочат тие кои ми вршеле притисок – рече Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој попладнево ѝ се обрати во јавноста за да ги ги разобличи, како што нагласи, сите лаги и црни сценарија.

Тој одговори дека на 27 април од медиумите вечерта дознал за настаните. „Цел ден бев во Кабинетот, а кога дома ги видов настаните во Собранието, го свикав Кабинетот за тоа како да ја смириме нацијата“. За неговиот советник за државна безбедност Синиша Алексовски, Иванов кажа дека Алексовски тој дента заминал на службен пат, а тој го вратил од аеродромот во Истанбул. Според исказите во сведочењато за 27 април Алексовски за време на 27 април бил во контакт со структурите од УБК и тој дента ја дал информација дека Иванов ќе прогласи воена состојба.

Иванов изјави дека неколку пати предупредил дека стабилноста на Македонија ќе биде загрозена и ги демантираше сите информации кои укажуваат на наводна негова вмешаност во настаните од 27 април лани. Нагласи дека Кабинетот на Претседателот не е дежурна служба за давање алиби.

– Сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен Врховен командант на вооружените сили и паралелен Генералштаб на Армијата на Република Македонија. Воена состојба се прогласува кога е нападната државата или е објавена војна, а на 27 април немавме ништо од ова –  рече Иванов.

Иванов рече дека нема да отстапи од своите ставови.

– Во изминатите  неколку години во повеќе наврати јавно предупредував на опасностите кои се закануваат по стабилноста на Република Македонија и по суверенитетот на граѓаните на Република Македонија. Со длабоко жалење констатирам дека овие мои предупредувања беа игнорирани, а резултатот од тие игнорирања денеска сите го чувствуваме – вака го започна обраќањето  Шефот на државата, Иванов, во Вилата Водно.

Денеска, ви се обраќам вам, на граѓаните на Република Македонија, со цел да ги разобличам сите лаги, конструкции и црни сценарија, со кои бевме бомбардирани во изминатиов период. Од почетокот на мојата функција, одговорно ја претставувам државата и убеден сум дека само со чесен и транспарентен пристап ќе можеме да се спротивставиме на лагите за наводна вмешаност на мојот Кабинет, Армијата на Република Македонија и Агенцијата за разузнавање во настаните околу 27 април рече Иванов и запраша „кому во тие моменти му одело во прилог да го злоупотреби Кабинетот на Претседателот и да креира лажна перцепција за прогласување на воена или вонредна состојба“.

– Оние кои ме обвинуваат и создаваат лажни вести со цел да ја делигитимираат институцијата Претседател, ги упатувам на член 124 од Уставот, каде стои дека воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката, кога Републиката е нападната, или и е објавена војна. Согласно член 125 од Уставот, вонредна состојба настапува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Почитувани мои граѓани, на 27 април немавме ништо од ова.

Година и пол, јас како Претседател на Република Македонија и мојот Кабинет сме постојана мета на лажни вести и лажни конструкции, со цел по секоја цена да не вмешаат во настаните од 27 април.  Од 21 април 2017 година, без никакви докази и индиции се обвинува Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Се вршат притисоци и закани кон мене, со цел да потклекнам и да отстапам од моите ставови во врска со политичките случувања во Република Македонија и политиките кои ги спроведува актуелната Влада. По кој знае кој пат повторувам дека нема да отстапам од моите ставови.

Деновиве сме сведоци дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април.

Прво, сакам да укажам дека за давање лажен исказ пред Суд, кривично се одговара.

Второ, ги охрабрувам сите оние кои ме обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник.

Овие институции треба да одговорат на прашањата каде биле одговорните лица на 27 април или претходно, и дали постојат какви било административни записи за подготовки на некакви сценарија за воена или вонредна состојба.

Сакам да потсетам, дека во врска со настаните од 27 април, Кабинетот на Претседателот и Агенцијата за разузнавање ги доставија сите извештаи до Основното Јавно Обвинителство.

Уште еднаш потсетувам дека мојот Кабинет во безброј наврати ги демантираше лажните вести со кои во континуитет се гради негативна перцепција за нас. Сметам дека еднаш засекогаш мора да се стави крај на ваквите небулозни шпекулации.

Од сето она, што во изминатиов период пишуваа дел од медиумите, ништо не излезе дека е вистина. Ниту, чаршиските муабети дека го подготвуваме „Јасен“ за засолнување во случај на воена состојба. Ниту тврдењата дека мојот Кабинет, дал дозвола за влез на странски разузнавач во Собранието на 27 април.

Она што намерно или ненамерно се избегнува, а граѓаните треба да го знаат е дека „Јасен“ е Јавно претпријатие  и е под надлежност на  Владата. И овој факт е лесно проверлив. Отфрлен е и обидот да се прикрие непрофесионализмот на странски разузнавач, под изговор дека Кабинетот му дал дозвола за влез во македонското Собрание.

Истовремено, обвинителката Вилма Рускоска јасно потврди дека Јавното обвинителство нема докази за вмешаност на Кабинетот на Претседателот во настаните од 27 април.

Генералштабот на Армијата на Република Македонија, исто така, демантираше инволвираност во настаните од 27 април и повика на транспарентност во доставување на информации во врска со овие настани.

Исто така, и Агенцијата за разузнавање, најостро ги осуди сите обиди за вмешување на Агенцијата во конструкции и лажни вести.

– Овде би сакал јавно да прашам. Дали исказите на обвинетите се порелевантни од тврдењата на надлежните институции и носителите на јавни функции? – запраша Иванов, и го продолжи обраќањето:

– Истовремено,  ако Генералштабот јасно и недвосмислено демантираше инволвираност околу настаните од 27 април, или какви било сценарија за воена или вонредна состојба, не можам, а да не поставам уште едно прашањето пред целата македонска јавност – Во периодот кога деновите пред доставување на официјална покана за членство во НАТО се одбројуваат, кому му одговара,  да ја деградира Армијата која го ужива најголемиот углед меѓу вас граѓаните, но и која што единствената институција за која нема забелешка во исполнувањето на критериумите и стандардите на НАТО.

Само да потсетам, дека како Претседател на Република Македонија уште пред две години укажав дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија. И по три години од дијагнозата на Прибе, болеста не е отстранета. Ако УБК се дрзнува без никакви основи да ги следи активностите на мојот Кабинет и да ме става мене како Претседател во службени белешки кои опишуваат непостоечки настани, се плашам од помислата што сè се случува во оваа институција и како се креираат извештаи со фиктивни извори за да се постигне определена цел. Со планиран истек на калисфицирани податоци се гради лажна перцепција за на крај да се конструира судско-полициски случај.

Од друга страна, сакам да потенцирам и дека во изминатиов период сме сведоци на неказнивост по планирано истекување на класифицирани документи од УБК, за што ги повикувам надлежните институции да дејствуваат и санкционираат ваквите појави, кои ја загрозуваат националната безбедност.

– На крајот, констатирам, дека ова не е ништо друго освен класична хајка и линч, со очајно смислено сценарио против мене, мојот Кабинет и наведените институции. Ве уверувам дека со нарачани лажни искази и генерирање лажни вести нема да се прикрие реалноста и вистинските нарачатели на настаните од 27 април. Кабинетот на Претседателот не е дежурна служба за давање алиби – рече Иванов.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...