Претседателот Ѓорге Иванов денеска го одликува Јован Павлевски со Медал за заслуги за Македонија за, како што е наведено од Кабинетот на Иванов, неговото долгогодишно промовирање на Република Македонија во Француската Република и во целиот франкофонски свет.
Медалот за заслуги му се доделува на професорот Јован Павлевски за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и за дејствување во Француската Република, со што дал значаен придонес за унапредување на пријателските односи и на соработката со Француската Република, како и за афирмација на Република Македонија во светот.
– Неговите заслуги не се само во областа на издаваштвото. Како ангажиран интелектуалец, тој со децении се застапува и ги промовира интересите на Република Македонија во Француската Република и франкофонскиот свет. За многу франкофонски автори, творци и креатори на мислење, средбата со Павлевски е и нивна прва непосредна средба со Македонија и со македонскиот светоглед. Во него тие гледаат какви луѓе создава Македонија. И со сето тоа, професорот Павлевски стана македонскиот глас во економските и политички науки во франкофонскиот свет – истакна Иванов.
Професор Павлевски се заблагодари за доделеното признание.
– За мене овој медал е преважен. Како дете од Македонија, тоа е првпат, после филмот, што добивам такво признание и сум преблагодарен. Ви благодарам од сѐ срце. Дотолку повеќе што во овие моменти Вие сте еден многу голем претседател и Вашето име, убеден сум во тоа, ќе влезе во историјата на светот. Нема да има книга по политички, социјални науки без да го има вашето име внатре – истакна Павлевски.
Професор Павлевски потекнува од беровското село Ратево, а во 1960 заминал во Франција каде докторирал на Факултетот за правни и економски науки при Универзитетот во Париз. Во својата академска кариера бил професор на Универзитетите во Руен, Казабланка и Сорбона. Тој е основач на една од петте најголеми издавачки куќи за економско-политичка литература во Европа и светот „Економика“, преку која до сега публикувале над 18.000 автори. Професорот Павлевски е носител на повеќе врвни државни и академски одликувања во Француската Република, соопшти Кабинетот на Иванов.