Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени за да го смените името преку уценување, им рече претседателот Ѓорге Иванов на пратениците во своето редовно годишно обраќање во Собранието.
– Одлуките за помилување ги донесов за да спречам хаос во државата, а одлуката за амнесија се донесе за да се озаконат уцените со кои се создава хаос и се руши правната држава. Моите помилувања не вклучуваа спречување на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот и подразбираше прочистување на македонската политичка сцена и промовирање на нови лица во политиката. Вашата амнестија е само уште еден преседан за уцена – рече Иванов.
Тој додаде дека го потпишал Закон за амнестија, поради разоткривањето на вистинските цели и намери.
– Од таканаречена заробена држава, чувствувам дека станавме и уценета држава. Од надвор не уценуваат соседите, внатре се уценети многу носители на одлуки. Уцената стана основно средство за остварување на целите. Овој закон го потпишав не заради големото мнозинство со кое го изгласавте, ниту заради повеќето луѓе кои најверојатно ќе бидат опфатени со амнестијата. Ако вие Законот за амнестија го донесовте заради пратениците со цел да ви поминат уставните измени, јас го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, дека оваа амнестија не е за помирување туку за уценување. Со вакво помирување не може да се помири македонскиот народ. Но, законот го потпишав и поради патриотите чија ненасилна љубов кон татковината очигледно била злоупотребена за други цели. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојни стандарди, бидејќи двојните стандарди се насилство против правдата. А без правда нема вистинско помирување, без правда нема мир – додаде Иванов кој ја обвини власта дека простувањето и помирувањето ги користи само како средства за постигнување на друга цел, со што ги девалвира тие процеси.
– Национално помирување ќе настапи тогаш кога сите ние, независно од етничката, верската, политичката или која било друга припадност ќе побараме прошка од оние на кои сме им згрешиле и ќе им простиме на оние кои ни згрешиле. А прошката треба да оди рака под рака со одговорноста – рече претседателот.
Тој зборувајќи за соработката со Владата и Собранието рече дека во изминатата година кохабитацијата била ставена на тест, затоа што за некои прашања соработката со извршната и законоданата власт била добра и дека токму таквата соработка е неопходна за доброто на државата.
На годишното обраќање на претседателот Иванов во собраниската сала не присуствуваат пратениците на ДУИ