Иванов – Могерини: Исполнувањето на реформите придонесе за европската иднина на Македонија

278

Претседателот Иванов ја поздрави обновената препорака на Европската Комисија за отворање на пристапни преговори со Република Македонија, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси преку одредувањето на датум за почеток на пристапните преговори, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија, соопшти Кабинетот на шефот на државата по средбата на Иванов со Федерика Могерини, висок претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија.

На средбата беа разменети мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на европска интеграција, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат регионот и Европската Унија.

– Двајцата соговорници констатираа дека доследното и заедничко придонесување во исполнувањето на реформските процеси, од страна на сите чинители во државата, ќе придонесе за европската иднина на Република Македонија – се вели во соопштението.

Претседателот Иванов порача дека позитивната препорака за отворање на пристапни преговори за Република Македонија и за Република Албанија, има охрабрувачко влијание за кредибилноста на ЕУ и перспективата на целиот регион.

– Имајќи ја предвид позитивната реторика од страна на лидерите од земјите од регионот за напредокот на секоја од другите земји од Западен Балкан, г-га Могерини истакна дека за прв пат овој процес на проширување се фокусира на оригиналната идеја на Европската Унија, а тоа е мирот – стои во соопштението.

На средбата претседателот Иванов и високиот претставник на Европската Унија г-а Могерини, разменија мислења и во однос на тековните разговори за прашањето за разликата околу името.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...